Ретко се гледа како живее супермодел во Њуујорк.
Девојката од насловните страници Елса Хоск веќе 15 години работи како модел и заштеди доволно пари за да може да си дозволи простран, елегантен и стилски стан во Њујорк.
31-годишната ветеранка на „Викторијас сикрет“ сподели фотографии од својот фантастичен постмодерн стан во Менхетн, воодушевувајќи ги своите 6.2 милиони следачи на Инстаграм, во време кога паузира од патувањата низ светот поради пандемијата на коронавирус.
Русокосата Швеѓанка неодамна откри дека нејзиниот апартман ќе биде прикажан во претстојниот број на Architectural Digest. Па затоа, таа реши прво да им го покаже на своите фанови.
Главната боја во станот е песочна беж во комбинација со мебел од темно кафеаво дрво – современ дизајн со модерна естетика од средината на векот.
На ѕидовите има вкусно врамени скици кои одат со пригушената, опуштена тема на пространиот дом.
Елса е родена во Стокхолм, а својата модна кариера ја започнала уште на 15-годишна возраст. Најголемиот пробив во модниот свет ѝ го носи ангажманот за „Викторијас сикрет“, станувајќи нивен ангел во 2012 година. Во нејзиното портфолио се и бројни кампањи, насловни страни, како и едиторијали.