Утрински Весник
Македонија

Преземањето на агрегаторот „Тајм.мк“ во изборната ноќ е поврзано со некој од индексираните сајтови

Преземањето на агрегаторот „Тајм.мк“ во изборната ноќ е поврзано со некој од индексираните сајтови

На денот на изборите во земјава, веднаш откако заврши гласањето, во идентичен период кога требаше да се објави конечната излезност на изборите и првичните резултати, истовремено падна сајтот на ДИК и најчитаниот агрегатор на вести во земјава, time.mk.

Како што напиша на својот Твитер профил, сопственикот на Тајм.мк, Игор Трајковски, нападот почнал нешто по 22:00 часот и во него постепено биле ангажирани над 35 милиони IP адреси кои генерирале илјадници кликови во секунда.

„Имаше кратки прекини на работењето но претежно сајтот издржа. Тоа е прв дел кој немам докази дека е поврзан со вториот дел од нападот кој заврши со преземање на нашиот сервер. За жал, немавме најдобра заштита, наша грешка, која ја поправивме да не се повтори“, напиша Трајковски.

Тој потоа додаде дека е сигурен оти самото преземање на сајтот, односно вториот дел од нападот е поврзано со некој од сајтовите што агрегаторот ги индексира.

„За вториот дел со сигурност тврдам дека е некој поврзан со некој од сајтовите кои ги индексираме, поради тоа што само така можат да ни ја дознаат ip адресата. Но, да ни беше сè направено според “Security 101”, како што пишал напаѓачот, немаше да биде проблем. Ќе учиме во од“, соопшти Трајковски на Твитер.

Вториот дел од нападот се случи околу еден часот по полноќ, во изборната ноќ кога веб-страницата на агрегаторот Тајм.мк беше преземена и при нејзиното отворање се прикажуваше фотографија со порака од еден од напаѓачите. Пораката беше со политичка содржина, и беше потпишана од Anonopsmkd. Она што е интересно е дека првиот дел од пораката беше на англиски јазик, и беше наменеата за читателите. Потоа имаше  текст на македонски јазик, кој имаше политичко-партиска содржина, за на крајот да заврши повторно со текст на англиски јазик и тоа со лична порака до Трајковски, односно @mkrobot.

Во моментов агрегаторот функционира нормално, што не може да се каже за сајтот на Државната изборна комисија rezultati.sec.mk кој сè уште не функционира и не можат да се видат детално резултатите од изборите. На вчерашната прес-конференција беа соопштени неофицијалните резултати, а од ДИК информираа дека случајот за кој претпоставуваат дека е надворешен напад, е пријавен во Министерството за внатрешни работи.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!