Заборавената вазна, купена пред многу време за 56 долари, беше продадена на аукција во Хонгконг за девет милиони долари, откако беше откриена во домот на една постара жена во Европа.
Вазната, која реномираната аукциска куќа „Сотби“ ја опиша како „изгубено ремек-дело“, е редок примерок од 18 век и стоела 50 години во куќа во централна Европа опкружена со мачки и кучиња, пренесува „Вечерњи лист“.
Необичната вазна на која може да се види сино-бел порцелан низ мрежестата структура на порцеланот е направена за царот Квианлонг, кој владеел со Кина повеќе од 60 години.
„Зачудувачки е што оваа исклучително кревка вазна преживеала половина век во куќа опкружена со безброј миленичиња“, рече Николас Чоу, вработен во „Сотби“ за Азија.
Вазната е само една од неколкуте слични на светот, направени од 1742 до 1743 година. Се верува дека сопственичката ја наследила.
Таа ги повикала проценителите да ја разгледаат нејзината кинеска колекција. Експертите на Сотби откриле запис за неа во архивите на забранетиот град во Пекинг. Вазната се наоѓала во царската Палата на небесната чистота и императорот ја ценел поради нејзиниот дизајн. Аукциската куќа не откри во која европска земја е откриена, пишува Вечерњи лист.