Државниот инспекторат за животна средина, вчера, по добиена дојава за загадување на реката Вардар со црвена боја во близина на бетонската база „Бетон“, соопшти дека излегле на увид на посочената локација и со непосредниот инспекциски надзор утврдена е следната фактичка состојба.
„Отпадната вода од колекторот што се влева во реката Вардар беше со видлива црвена боја. Поради овој факт, веднаш се земени мостри од отпадната вода што излегува од колекторот за хемиска анализа. Земените мостри се однесени во акредитирана лабараторија и во тек е нивно испитување. Истовремено, извршен е вонреден инспекциски надзор кај правниот субјект ‘Либерти’ АД Скопје, на улица 16. Македонска бригада бб и се утврди следната фактичка состојба.
Во момент на надзорот погонот „Лужилница“ не беше во работен режим, односно производниот процес беше целосно сопрен. Погонот е запрен на 10.7.2020 година во вечерните часови. При увид во пречистителната станица утврдено е дека во неа доаѓа отпадна вода од погон за пластифицирање лим и од пречистителната станица истекуваа 210 литри/час отпадна вода, која е безбојна. Исто така, се изврши визуелен увид и во пречистителната станица на „Макстил“ АД Скопје и од неа истекуваше безбојна отпадна вода од 100 м3/час. Значи, од извршените увиди и кај двата погоре споменати субјекта нема забележано појава на истекување на црвена отпадна вода“, се вели во соопштението.