Поранешната секретарка го обвини градоначалникот на Сеул, Парк Вон-сун, кој почина минатата недела, за сексуална злоупотреба во рок од четири години, јави Би-би-си.
Парк важел за омилен градоначалник и двапати бил избран за прв човек на градската власт во Сеул. Претходно работел како адвокат за човекови права и бил активен во граѓански организации. Либералите го сметаа за потенцијален кандидат на претседателските избори во 2022 година.
Неговото тело беше пронајдено минатиот четврток во шума на северот од Сеул, откако семејството, на кое му оставил проштална порака, го пријавило исчезнувањето.
Починал еден ден откако поранешната секретарка го пријавила во полиција.
На денешната прес-конференција адвокатот рече дека поранешната секретарка тврди оти Парк сексуално ја злоупотребувал четири години.
Таа вели дека Парк и испраќал фотографии во долна облека и дека ја викал во неговата соба во канцеларијата каде што барал да го прегрне.
Според нејзините тврдења, таа барала заштита од одговорните во Градското собрание, но нејзините обвинувања биле игнорирани.
Додала дека злоупотребата продолжила дури и откако ги сменила работното место.
Во писмото прочитано од адвокатот, поранешната секретарка наведува дека полицијата ја испрашувала цела ноќ и дека била шокирана кога слушнала за смртта на Парк.
Сеул прогласи петдневна жалост за 64-годишниот градоначалник, а пред Градското собрание, на посебно одредено место, жителите на метрополата со 10 милиони жители можат да се збогуваат со него.
Откако на површина излегоа обвинувањата за злоупотреба, денеска околу 500.000 луѓе потпишаа петиција барајќи од властите да се откажат од оддавањето почит за Парк.
Според извештаите на медиумите, полицијата верува дека тој извршил самоубиство.