Утрински Весник
Свет

Русија загрижена поради ескалацијата на границата меѓу Ерменија и Азербејџан

Русија загрижена поради ескалацијата на границата меѓу Ерменија и Азербејџан

Москва е сериозно загрижена поради неодамнешната ескалација на ситуацијата на ерменско-азербејџанската граница и е подготвена да ја обезбеди потребната помош за стабилизација на состојбата, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи, пренесува „Спутник“.

„Руското Министерство за надворешни работи изразува сериозна загриженост поради наглото влошување на ситуацијата на ерменско-азербејџанската граница на 12 јули. Според дојдовните информации, непријателствата продолжуваат. Се користи артилерија. Има убиени и повредени. Искажуваме сочувство до семејствата и на пријателите на жртвите“, се вели во соопштението.

Министерството посочи дека Москва смета оти понатамошната ескалација, која ја загрозува безбедноста на регионот, е неприфатлива.

„Ги повикуваме завојуваните страни да покажат воздржаност и строго да се придржуваат кон прекинот на огнот. Руското МНР, од своја страна, е подготвено да ја обезбеди потребната помош за стабилизирање на ситуацијата“, додаде Министерството.

Изјавата доаѓа откако ерменскиот премиер Никол Пашијан истакна дека раководството на Азербејџан е одговорно за последиците од неодамнешната ескалација на границата.

„Воениот и политичкиот врв на Азербејџан ќе биде целосно одговорен за последиците од регионалната дестабилизација. Ние сме загрижени за позицијата на Турција насочена кон поттикнување дестабилизација во регионот, што се гледа во изјавата на Министерството за надворешни работи на оваа земја, кое изразува безусловна поддршка за постапките на Азербејџан со очигледна и традиционална антиерменска логика“, рече Пашијан на вонредниот состанок на владата.

Претходно, портпаролката на прес-службата на Министерството за одбрана на Ерменија, Шушан Степанјан, изјави дека по два-три часовна пауза, азербејџанските вооружени сили утрово го обновиле гранатирањето на ерменските позиции на државната граница во правец на провинцијата Тавуш во Ерменија и дека ерменските сили се одмаздиле.

Степанјан исто така рече дека на неодамнешните разговори со личниот претставник на Претседавачот на ОБСЕ, Анджеј Каспеција, министерот за одбрана Давид Тонојан го известил амбасадорот дека на ерменските сили им било наложено засега да останат воздржани и во случај на провокации на границата, и да реагираат по потреба.

Азербејџанското МНР во неделата извести за обидите на ерменските вооружени сили да ги нападнат позициите на азербејџанската армија во насока на Товуз со употреба на артилерија, провоцирајќи судири кои би резултирале со загуби од двете страни.

Од Баку известија дека во судирите загинале тројца војници од Азербејџан, а петмина се повредени. Ерменија, наводно, исто така претрпела загуби иако од Ереван го негираат тоа.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Парламентарното собрание на НАТО усвои резолуција за итна интеграција на Украина во Алијансата

Русија упати предупредување до Јужна Кореја: „Воздржете се од непромислени чекори“

Експлозија во рафинерија за нафта во Турција