Утрински Весник
Македонија

МОФ изготви препораки за Концептот за далечинско образование

МОФ изготви препораки за Концептот за далечинско образование

По објавувањето на Kонцепцијата за далечинско учење на Министерството за образование и наука, Младински образовен форум изготви препораки за дополнување на концепцијата и спроведе фокус-групи за споделување на искуствата и потребите на средношколците во врска со далечинското учење.

„Потребно е Концепцијата да ги опфати и обезбеди потребите за учење на учениците со попреченост. Исто така, Концепцијата да се дополни со грижа за менталното здравје на учениците, работа на училишните психолози во рамки на образованието на далечина. Воедно, да има фиксни распореди на часови и додатна настава за учениците, како и обезбедување на е-учебници, материјали за учење и однапред подготвени дополнителни материјали за учениците“ потенцираат од МОФ.

Оттаму дополнуваат дека е важно предвидување на содржини за онлајн безбедност, програми за ранливи групи и обезбедување на технологија за учениците во ранливи категории и обезбедување на ефективно следење на наставата, квалитетно, реално и воедначено оценување на учениците, како и ревизија на роковите од акцискиот план за активности.

МОФ спроведе и фокус-групи за споделување на искуствата и потребите на средношколците во врска со далечинското учење, со цел прибирање на податоци и креирање на реални препораки за иднината на далечинското учење, а поаѓајќи од потребите и искуствата на самите ученици.

„Ученици од 9 средни училишта од 5 града ги споделија со МОФ своите искуства од далечинското учење со цел креирање на конкретни препораки и подобрување на системот на далечинско учење кој за прв пат се имплементираше во нашиот образовен систем. Учесниците на фокус-групите зборуваа за генералното искуство со концептот на далечинско учење, спроведувањето на наставата, комуникацијата со наставниците, како и за начинот на оценување на нивните знаења“ велат од МОФ.

Оттаму велат дека учениците потенцирале за невоедначеното предавање на наставните содржини, потешката комуникација со професорите, недостатокот на учебни материјали, но и нефер оценувањето и просторот за препишување и мамење на тестовите.

Загрижува тоа што начинот на спроведување на далечинското учење не успеа да обезбеди еднакво образование за сите ученици – имплементацијата се разликува од училиште во училиште, па дури и помеѓу професорите во исто училиште, појаснуваат од МОФ.

„Кај нас секој професор имаше своја дефиниција за далечинско учење. Немаше унифицираност. Само 1 професор се трудеше и другите професори го исмејуваа“ – споделил еден од учесниците на фокус-групата.

Учениците истакнале дека освен учебниците, потребно им било дополнително објаснување од професорите. Иако учебниците во нашиот образовен систем се бесплатни и достапни за сите ученици, во услови на дигитално образование, материјалите за учење не беше лесно да стигнат до сите, а учесниците споделиле и дека дел од нивните соученици не можеле да стигнат до учебните материјали.

Во фокус-групите, средношколците изјавиле дека за нивните професори било тешко да ги закажуваат онлајн средбите и дека нивната неподготвеност за работа со технологија сериозно влијаела на онлајн наставата.

„„Tребаше да се вклучат повеќе.“; „Професорите не се залагаа. Ние им велевме на немотивираните професори дека ќе организираме ЗУМ средба, а тие треба само да се вклучат.“ – вели еден од учесниците на фокус групите.

Од МОФ велат дека преминот од офлајн во онлајн просторот го отежнува процесот на изведување на настава за сите учесници во процесот (ученици, професори и надлежни институции). Воедно, ги изнесува на виделина веќе постоечките проблеми со образовниот систем на државата, како недостаток на дигитализација и технолошка неподготвеност на наставниот кадар.

„Потенцираме дека во плановите, документите и стратегиите кои се подготвуваат за новата „далечинска“ учебна година е потребно да се внимава на повеќе нешта. Пред сè, мора да се води сметка за инклузивноста на образовниот процес, градење на капацитетите на професорите за работа на дигитални платформи и виртуелна работа со ученици, решавање на проблемот со недостаток на компјутерска опрема во семејствата со повеќе ученици, но и креирање на конкретен план и програма за компетенции кои целиме да ги изградиме и развиеме кај учениците во оваа академска година“ истакнуваат од МОФ.

Како што велат тие, токму и поради недостатокот на унифициран пристап и јасни насоки дадени од надлежните институции, учениците беа изложени на настава со низок квалитет, лоша двонасочна комуникација професор-ученик, но и соочени со необјективно и нефер оценување.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме