Утрински Весник
Македонија

(Видео) Јанушев: Очекуваме победа и ќе коалираме со оние што ќе ја прифатат нашата програма

(Видео) Јанушев: Очекуваме победа и ќе коалираме со оние што ќе ја прифатат нашата програма

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ очекува победнички изборен резултат и мандат за формирање влада, изјави генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев, во интервју за „Макфакс“, но не одговори дали нивниот партнер во власта повторно би бил ДУИ.

Јанушев вели дека изборот на партнер од албанскиот блок ќе зависи од изборниот резултат.

„Оној што ќе биде партнер во власта со нас, ќе треба да ја прифати нашата програма, тоа е првото што ќе го побараме од сите партии. Изборот на коалициониот партнер сепак ќе зависи од изборниот резултат. Кој ќе биде и со кого, ќе видиме за неполна една недела кога ќе почнат и разговорите со партиите“, изјави Јанушев во интервјуто за „Макфакс“.

Во однос на аудиоматеријалите што се појавија во кампањата, каде што се слуша неговиот глас, Јанушев вели дека не сака да се занимава со нивната автентичност затоа што, како што рече, нив требало да ги истражи пропаднатото СЈО.

Запрашан дали е дел од груевистичката ВМРО-ДПМНЕ бидејќи во снимките се слуша како разговара со Миле Јанакиески, Јанушев на оваа гледа како на провокација затоа што тој бил во ВМРО-ДПМНЕ уште од времето на Љубчо Георгиевски.

„Секако дека сум дел уште од стариот систем на Љубчо Георгиевски. Бидејќи кога сум се зачленил во партијата во 1998 година, претседател бил Георгиевски. Ако сакате да алудирате на какви било инсинуирани обиди дека некој е дел од нешто, во најмала рака тоа ќе го сметам за провокација бидејќи ние овде во ВМРО-ДПМНЕ не сме поради некој човек, тука сме поради државата бидејќи веруваме во оваа идеологија“, додаде тој во интервјуто за „Макфакс“.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Полициските хеликоптери исфрлија над 50 тони вода врз пожарите во Малино и Немањица

ВИДЕО: Евакуација на жителите на Немањици

Едно лице загина во пожарот кај кумановско Кокошиње