Премиерот Оливер Спасовски денеска оствари работна посета на Општина Гази Баба и изврши увид во работите на фекална канализација во Трубарево и увид во градежните работи на изградба на вакуум канализација во Јурумлери.
Во изјавата за медиумите, Спасовски истакна дека Владата успешно ја спроведува долгорочната стратегија за изградба на инфраструктура која ќе остане и за идните поколенија дури и во вонредни околности.
„Кризата предизвикана од пандемијата не ги попречи капиталните инвестиции. Спротивно на тоа, капиталните проекти продолжија со изведба и тоа со забрзана динамика. Градиме инфраструктура за сите, во вонредни околности, почитувајќи ги мерките за заштита. Тоа е новото нормално, на овој начин и помагаме на економијата во многу важен период“, истакна премиерот.
Тој образложи дека во Трубарево, заедно со општината која од своја страна инвестирала 80 милиони денари, е ставена во функција фекалната канализација и после 17 години на граѓаните им е обезбеден приклучок кон примарната мрежа.
„Вкупната должина на мрежата е 13 километри, со изградени 3 нови препумпни станици, а уште една препумпна станица ќе се гради во Чукур маало. Изградени се 400 нови шахти за приклучок кон примарната мрежа. Ги поврзавме левата и десна страна на Трубарево во една колекторска линија која води кон населеното место Гоце Делчев, која претходно не беше воопшто поврзана. Со овие капитални проекти работиме директно за решавање на децениските проблеми кои овие населени места ги имаа, обезбедувајќи им конечно фекална мрежа. Населеното место Јурумлери е единственото населено место во нашата земја и во регионот кое конечно доби иновативна вакуум фекална канализациона мрежа. Ова е сложен проект бидејќи самата местоположба на ова населено место и подземните води налагаа изградба на посебен вакуум систем на канализациона мрежа. Проектот за реализација на вакуум станицата се реализира со средства на општината, на Светска Банка и на Владата. Изградени се и 3.100 метри примарна мрежа и поставени се 68 примарни шахти“, го објасни проектот Спасовски.
Тој прецизираше дека дополнително со средства на Светска банка, во висина од 72 милиони денари, се гради нова пречистителна станица кај реката Вардар, како втората фаза од проектот и со третата фаза, како што рече, ќе се заокружи овој голем капитален проект на целата територија на населеното место Јурумлери.
„Со овој проект јамите стануваат минато. Решаваме уште еден голем проблем кои со години ги мачеше жителите на ова населено место“, нагласи премиерот.
Тој потенцираше дека паралелно со овие населени места се работи и на изградба на водоводна мрежа во Раштак и Булачани, изградба на водоводни линии во Ченто и Стајковци и најави наскоро почнување на фекална мрежа во Смилковци.