СДСМ за само три години направи историски пресврт во меѓународната политика и ги оствари стратешките цели на државата за кои сонувале татковците на нашата народност со векови. НАТО и ЕУ станаа реалност, со признат и загарантиран македонски јазик и идентитет, изјави генералниот секретар на СДСМ и носител на листата во ИЕ 3, Љупчо Николовски.
„Си отворивме врати што за нас отсекогаш биле затворени. Сега доаѓа редот да ја искористиме шансата. Да се свртиме навнатре и да работиме решиме внатрешни прашања кои не мачат со децении, а во исто време да ја искористиме неповторливата економска шанса за раст што ни се отвора со членството во НАТО и преговорите со ЕУ“, кажа тој.
Притоа, додаде Николовски, македонскиот јазик, македонскиот идентитет, македонската посебност се денеска признаени од сите.
Според него, единствени што ја омаловажуваат македонската гордост нарекувајќи не северџани и други грозни измислици, се самите членови на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во преговорачката рамка на ЕУ јасно е наведено дека јазикот на кој треба да се преведе европското законодавство е македонски јазик. Македонски јазик е и јазикот наведен во нашата лична карта во Обединетите Нации. Македонски јазик е јазикот на кој ја водиме меѓународната комуникација. Апсолутно ништо не им остана на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, освен лагите. Дека сме го губеле јазикот, сме го губеле идентитетот“, рече Николовски.
Единствено што губиме, додаде тој, се остатоците од режимот на ВМРО-ДПМНЕ, кој не врати десетици години.
Тој вети дека до 2024 ќе бидат отворени 80% од поглавјата за интеграција во ЕУ, а за 6 години ќе го затвориме преговарачкиот процес.