Словенечките државјани купиле 9.439 недвижности во Хрватска од 2013 година, кога земјата влезе во ЕУ, покажуваат податоците на хрватската даночна администрација.
По Словенците следуваат германските државјани кои купиле објекти за одмор, станови и апартмани, вкупно 4969 објекти.
На третото место се Австријците со 2.867 поседи, потоа Италијанците со 1.612, Швеѓаните со 1.232 и Унгарците со 949, објави „Вечерњи лист“, врз основа на податоците на хрватската даночна управа за платени даноци, пренесува „Индикатор“.
Весникот посочува дека странските државјани во Хрватска имаат корист затоа што државата не вовела данок на имот. Исто така, помалку од 4.400 сопственици од други земји имаат регистрирано изнајмување туристички објекти и плаќаат даноци во Хрватска за тоа.
Според весникот, хрватската државна администрација нема податоци за сите сопственици на имот на едно место.
Точни податоци ќе се добијат по пописот планиран во Хрватска следната година.
Според последниот попис, во Хрватска имало нешто помалку од 250.000 одморалишта.
Според неофицијалните проценки, Словенците поседуваат вкупно околу 110.000 имоти во Хрватска, претежно куќи и станови долж хрватското крајбрежје. Тие купуваа куќи за одмор уште во време на Југославија.