Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, рече дека протестите од изминатите два дена во Белград се најнасилните протести досега, но кажа дека нема да дојде до насилен преврат и анархија.
Брнабиќ порача дека ќе се сочува демократскиот поредок и стабилноста во земјата. Оцени дека насилните протести без сомнеж нанеле голема штета на претстојните разговори за Косово.
Според Брнабиќ, единствена цел на протестите е да се ослабне Србија и нејзината позиција пред разговорите за Косово. Укажа дека оваа атмосфера е направена со поддршка на различни медиуми, политичари, но и странски фактор.
Таа повтори дека протестот нема врска со коронавирусот, затоа што мерките сè уште не се воведени.
Оцени дека зад насилството стои најлош вид на десница и ги отфрли критиките од Европа за наводна прекумерна сила од страна на полицијата.
„Полицијата се обиде да ги зачува мирот и стабилноста и реагираше дури кога дојде до упад во собранието“, рече Брнабиќ.