Странските студенти ќе бидат принудени да ги напуштат САД или да се префрлат на друг колеџ ако нивните училишта есенва понудат интернет-настава, покажуваат новите упатства издадени во понеделникот од федералните власти за имиграција, пренесува РТ.
Упатствата, издадени од Американсата служба за имиграција и царина, вршат дополнителен притисок за отворање на универзитетите дури и покрај растечката загриженост за неодамнешното ширење на Ковид-19 кај младите луѓе. Колеџите добија насоки истиот ден кога некои институции, вклучително и универзитетот Харвард, објавија дека сите предавања ќе бидат понудени онлајн.
Претседателот Доналд Трамп инсистираше училиштата и колеџите да се вратат на настава што е можно поскоро. Набрзо потоа, Трамп повтори на Твитер дека училиштата есенва мора да се отворат, додавајќи дека демократите сакаат да ги задржат училиштата затворени од политички, а не од здравствени причини.
„Тие мислат дека тоа ќе им помогне во ноември. Погрешно, луѓето сфаќаат!“, напиша Трамп.
Според ажурираните правила, меѓународните студенти мора да слушаат барем дел од нивните предавања лично. Нови визи нема да им се издаваат на студентите од факултетите или програмите што се целосно на Интернет, па дури и на колеџи кои нудат мешавина од лични и онлајн курсеви оваа есен, а на меѓународните студенти ќе им биде забрането да ги слушаат сите предавања на Интернет.
Тоа создава итна дилема за илјадници меѓународни студенти кои станаа заробени во САД минатата пролет откако коронавирусот ги принуди универзитетите да се преместат на Интернет. Студентите на факултетите со онлајн-настава мора да ја напуштат земјата или да преземат други мерки, како што е префрлање на факултет со индивидуална настава.
Американскиот совет за образование, кој ги претставува претседателите на универзитетите, вели дека упатствата се ужасни и ќе резултираат со забуна, додека факултетите бараат начини да се отворат безбедно.
Од особена загриженост е одредбата според која студентите нема да бидат ослободени од правилата, дури и ако епидемијата ги принуди факултетите на онлајн-настава за време на есенскиот семестар. Не е јасно што би се случило ако студент заврши во тоа сценарио, но се соочи со ограничувања на патувањето во матичната земја, вели Тери Хартл, постар потпретседател на советот.
Меѓународната група за образование НАФА ги осуди правилата и рече дека на факултетите треба да им се даде овластување да носат одлуки што се соодветни за нивните кампуси. Оттаму велат дека насоките се штетни за меѓународните студенти и ги става во опасност нивното здравје, благосостојба и целата заедница за високо образование.
Речиси 400.000 странци добија студентски визи во 12-месечниот период што заврши на 30 септември, што е помалку од 40 отсто во споредба со претходните четири години. Училишните администрации за тоа делумно го обвинуваат одложувањето на процесуирањето на визите.
Колеџите во САД веќе очекуваат пад во бројот на новозапишани странски студенти оваа есен, но губењето на сите меѓународни студенти може да биде катастрофално за некои. Многу колеџи зависат од приходите од школарината од меѓународни студенти. Минатата година универзитетите во САД привлекоа скоро 1,1 милиони студенти од странство.
Критичарите на Трамп бргу ги нападнаа новите упатства. Сенаторот Берни Сандерс рече дека суровоста на оваа Бела куќа не знае за граници.
„На странските студенти им се заканува избор: ризикувајте го вашиот живот за да одите на предавања или ќе бидете депортирани“, рече Сандерс во твитот. „Мора да се спротивставиме на нетолеранцијата на Трамп. Мора да ги чуваме сите наши студенти безбедни “.