Утрински Весник
Македонија

Спасовски во увид на градинка: „Поддршка за проектите во општините и локалниот развој“

Спасовски во увид на градинка: „Поддршка за проектите во општините и локалниот развој“

Претседателот на Владата, Оливер Спасовски денеска оствари работна посета во Општина Гази Баба, на увид во работите на градинката „Калинка“ во населба Железара.

Спасовски истакна дека во изминатите три години, Владата, предводена од СДСМ и коалицијата максимално се посветила на она што било утврдено во програмата: да се овозможи децентрализација на власта и на општините, за да се создадат условите за пристоен, достоинствен живот каков што очекуваат граѓаните.

„Паралелно со овој процес Владата останува на определбата да продолжи целосно и посветено да ги поддржува финансиски капиталните проекти во општините и да го поддржува локалниот развој. Денешната посета на Општина Гази Баба ги потврдува придобивките од овие проекти и поддршката за нивна реализација во повеќе области. Долга е листата на проекти што се реализирани или се во тек, како и оние проекти за кои се изготвува документацијата и кои ќе почнат да се реализираат наскоро“, истакна премиерот Спасовски.

Тој акцентираше дека и во идната Влада ќе продолжиме да градиме инфраструктура за сите и во вонредни околности и тоа со забрзана динамика, и со почитување на мерките за заштита.

„Денеска меѓу другото направивме увид во реконструкцијата и проширувањето на капацитетите на градинка „Калинка“, во оваа општина. Капиталните инвестиции во раниот детски развој и детската заштита се еден од врвните приоритети на Владата на Република Северна Македонија. Општината и Министерството за труд и социјална политика работеа на проект за проширување на капацитетот на оваа детска градинка со нови три занимални со што се отворија нови 70 места во оваа градинка. Три милиони денари за оваа инвестиција се издвоени од Владата и општината, а со дополнителни 1.4 милиони денари од Министерството за труд и социјална политика се обезбеди за опремување на новите занимални. Со ова проширување градинката има можност за работа и во втора смена, а покрај оваа градинка, со нови три занимални проширена е и градинката во Јурумлери каде исто така се отворија нови 70 места. Со дополнителни 6 милиони денари од својот буџет, општината ја финансираше изградбата на нова централна кујна и централната перална, во градинката „Темјанушка“. Заедно со новата градинка во Стајковци за само две години се отворија и 220 места за децата во градинките во оваа општина“, објасни премиерот Спасовски.

Премиерот потенцираше дека преку проектот на министерството за животна средина од програмата за намалување на аерозагадувањето општината аплицираше и ги замени прозорите во градинките „Калинка“ и „Темјанушка“.

„Оваа Влада за прв пат, преку Планот за чист воздух, ја утврди борбата за намалување на аерозагадувањето како стратешка определба и за ПРВ ПАТ беа обезбедени наменски буџетски средства. Планот за чист воздух опфати и неколку објекти и во општина Гази Баба. Покрај градинката „Калинка” во населбата Железара, го заменивме загадувачкиот систем за греење во основното училиште „Његош“. Покрај тоа, во делот на стимулирање на приклучувањето на повеќе објекти на топловодна мрежа, Владата ја реализираше и мерката за намалување на цената на топлинската енергија преку намалување на ДДВ-то од 18% на 5%, како и мерката за враќање на исклучените граѓани од топловодната мрежа без финансиски надомест.

Со преземањето на топловодниот систем од страна на Град Скопје, се создадоа услови да се прошири снабдувањето со топлинска енергија и во населбите Чаир, Бутел, Скопје Север, и Маџари 2“, акцентираше премиерот Спасовски.

Премиерот презентираше дека после имплементацијата на планот за чист воздух кој опфати 12 градинки, 29 основни училишта и 4 административни објекти, имаме 735 килограми помалку ПМ10 честички, 594 килограми помалку ПМ2.5 честички, остварено е вкупна заштеда од 395.000 евра.

„Вложувањето во најмладите и младите е вложување во подобро утре. Градинките се местото каде почнува институционалното воспитување, што е од голема важност во создавањето оформени личности кои подоцна учествуваат во развојот на нашата држава. Изминатиот период Владата инвестираше во 44 градинки и објекти за ран детски развој и создаде услови за квалитетно сместување на 3.000 деца од предучилишна возраст. Ниту едно населено место во Општина Гази Баба нема да биде запоставено кога зборуваме и за еднаков и рамномерен економски развој на сите локални заедници. Во општината со поддршка на Владата реализирани се три патни правци во вкупна должина од 13.5 км и со вредност од 1,9 милиони евра, ја завршивме рехабилитацијата на делот од обиколницата на Скопје од Смилковци до Клучката. Ја изградивме фекалната канализација со пречистителна станица во село Трубарево во должина од три километри во кои се вложени 20 милиони денари“, наброи премиерот Спасовски.

Тој на крајот на своето излагање сумираше дека е направено многу низ заедничката соработка меѓу централната и локалната власт, преку сериозното фокусирање на сите прашања кои ги засегаат граѓаните кои добија резултати и реализирани проекти.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули потенцираше дека без разлика што површината на градинката е зголемена за 300 метри квадратни, сметките се намалени за 20 проценти, што значи дека енергетската ефикасност има свое силно влијание.

„Со имплементацијата на планот за чист воздух на разни објекти, доаѓа до намалување на сметките од 30-50% доколку станува збор за иста квадратура. Од друга страна намалувањето на ДДВ-то на 5% и намалувањето на сметките за топлинска енергија, сите граѓани на Железара се свесни дека оваа зима плаќаа 13% пониски сметки за парно. Затоа поврзувањето на трите топловодни мрежи во градот Скопје е еден од приоритетите и на градот, локалната самоуправа и на Владата“, истакна заменик министерот Макрадули.

На крај од својата изјава тој се осврна дека во рамките на активностите на министерството учествувале во изработката на техничката документација на проектот за оборниот канал на водите од Скопска Црна Гора за да не се случи она што се случи пред неколку години со поплавите.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борче Георгиевски истакна дека градинката „Калинка“ во Железара е успешен пример за заедничката соработка на Владата и општина Гази Баба.

„Со финансиска поддршка на Владата оваа градинка ја проширивме за нови три занимални, со што отворивме нови 70 места, а создадовме и можност овој објект да работи и во втора смена. Дополнително преку програмата на Владата за намалување на аерозагадувањето во делот за енергетска ефикасност ги заменивме прозорите на оваа детска градинка, со што за една година успеавме да заштедиме 20% во сметките за загревање на објектот. Како одговорна општина годишно во буџетот обезбедуваме 10 милиони денари, наменети за капитални инвестиции во објектите на детските градинки, со цел подобрување на условите во градинките. Извршивме замена на азбесната кровна површина од градинката Калинка. Обезбедивме 6 милиони денари за изградба на нова централна кујна за градинката Детска радост, која ќе биде сместена во објектот Калинка. Новата кујна е со капацитет за подготовка на 1000 оброци и ги запазува сите ХАСАП стандарди“, објасни градоначалникот Георгиевски.

Георгиевски објасни дека дополнително за 2020 година во буџетот обезбедени се средства за замена на подот во објектот „Темјанушка“ и „Синоличка“, реконструкција на тоалети во објектите „Мимоза“, „Сончоглед“, „Темјанушка“ и „Детелинка“, замена на прозори и врати во објектот „Пони“ и реконструкција на фасадата и кровот на објектот „Мимоза“.

„Грижата за најмалите тука не застанува. Заедно со Владата продолжуваме да работиме на нови проекти, а тоа се изградба на нова детска градинка во Ќерамидница, Синѓелиќ, Инџиково и Трубарево“, финално поентираше градоначалникот Георгиевски.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег