Утрински Весник
Свет

Недостиг на лекови против ХИВ поради коронавирусот

Недостиг на лекови против ХИВ поради коронавирусот

Повеќе од 70 земји предупредуваат дека се во опасност да останат без лекови против ХИВ поради пандемијата на коронавирус, се вели во студијата спроведена од Светската здравствена организација.

Од нив, 24 земји соопштиле дека имаат критично низок број на антиретровирусни лекови, или АРВ, кои во голема мера се користат како терапија за лекување на ХИВ, или забележале нарушувања во нивниот синџир на снабдување како резултат на пандемијата, соопшти СЗО, Пренесува „Си-ен-би-си“.

„Наодите од оваа студија се многу загрижувачки“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Адана Гебрејезус.

„Земјите и нивните развојни партнери мора да сторат сé што можат за да им обезбедат на лицата на кои им е потребен третман со ХИВ и натаму да имаат пристап до лекови. Не можеме да дозволиме пандемијата на „Ковид-19“ да ги поништи тешко добиените придобивки во глобалниот одговор на оваа болест“, додаде Тедрос.

СЗО и Заедничката програма на Обединетите нации за ХИВ / СИДА проценија дека смртноста на СИДА во субсахарска Африка би можела да се зголеми двојно, како резултат на шестмесечно нарушување на пристапот до антиретровирусни лекови.

Иако не постои лек за ХИВ, вирусот што предизвикува СИДА, антиретровирусни лекови го контролираат вирусот и го спречуваат пренесувањето на инфекцијата на други. Затворањето на копнениот и воздушниот транспорт, неуспехот на снабдувачите да испорачуваат лекови и ограничениот пристап до здравствени услуги беа меѓу причините за нарушувањата утврдени во студијата на СЗО.

Повеќе од 25 милиони луѓе добиле антиретровирусно лекување во 2019 година, соопшти СЗО, додавајќи дека очекува тие цели да не се исполнат во 2020 година.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Демонстрации во Израел за итен договор за заложниците, се обрати Хилари Клинтон

Саливан во Саудиска Арабија, со престолонаследникот Бин Салман разговараа за војната во Газа

Протест на британските плажи поради загаденоста на водата