Почна аплицирањето за добивање на субвенции за земјоделството, а крајниот рок за доставување на барањата е до 31- ви јули.
„Во овој период ќе се поднесуваат барања за директни плаќања за растително производство и тоа за поледелски и градинарски култури, лозови и овошни насади. Исто така до крај на месецот барање за добивање на финансиска поддршка може да достават и сите кои се занимаваат со сточарско производство, односно, одгледуваат говеда, овци, кози, пчели свињи а може да се аплицира и за финансиска поддршка за заклани животни во кланица“, информира директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.
Барањата за добивање на финансиска поддршка се поднесуваат по електронски пат, самостојно од страна на барателите со регистрирање во системот на веб страна на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk. Оние земјоделци кои не знаат сами да поднесат барања или имаат потреба од помош при создавање на електронски барања, можат да се обратат во Подрачните единици на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство.
„При барање на помош од страна на вработените во Подрачните единици, барателите да користат заштитни маски и средства за дизинфекција, се со цел превенција и заштита од вирусот „COVID 19“. Апликантите пред да ги потпишат поднесените барања, да направат проверка, дали сите мерки и култури им се впишани. Доколку апликантите увидат дека направиле пропуст или пак внеле погрешни податоци или увидат потреба од измена заради не соодвествување со фактичката состојба, барањето може да го повлечат или да ги изменат во рок од 30 дена од денот на поднесувањето“, апелира Бабовски.