Макс Ферспатен и Шарл Лекер објаснија зошто решиле да не клекнат пред почетокот на вчерашната трка во Формула 1 додека се интонираше химната на Австрија. Покрај Ферстапен и Леклер, маици со пораката „Крај за разисмот“ носеа но не клекнаа и Кими Раиконен, Антонио Џовинаци, Данил Квјат и Карлос Саинц.
Овие шестмина возачи уште пред почетокот на трката најавија дека нема да клекнат иако ја поддржуваат борбата против расизмот.
„Верувам дека е важно нашето однесување во секојдневниот живот, а не формалните гестови, кои во некои држави се сметаат за контроверзни. Нема да клечам, но тоа не значи дека сум помалку посветен од останатите во борбата против расизмот“, напишал на социјалните мрежи Леклер.
„Посветен сум на борбата против расизмот, но исто така верувам дека секој има право се определи на каков начин тоа ќе го изрази. Нема да клечам но го почитувам и поддржувам изборот на секој возач“, дополнил Ферстапен.
По трката новинарите побараа мислење и од иницијаторот на акцијата Луис Хамилтон. Светскиот првак единствен носеше маица со пораката „Black Lives Matter“.
„Не треба никој да биде присилен да клекне. Ниту некого прашав, ниту некого молев да го направи тоа. Навистина сум им благодарен на оние кои го направија тоа. Мислам дека испративме една моќна порака, а тоа дали некој клекнал или не, тоа нема да го смени светот“, рекол Хамилтон.