Бразилскиот национален институт за вселенски исражувања (ИНПЕ) во мај регистрираше повеќе од 2.200 пожари за време на прегледот на сателитските снимки од регионот на амазонската прашума.
Според институтот, ова е скоро за 20 проценти повеќе отколку во истиот период минатата година и претставува најголем број на пожари забележани од 2007 година.
Повеќе од 2.000 квадратни километри шума се уништени меѓу јануари и мај годинава, покажуваат истражувањата.
Со почетокот на сушната сезона во Амазонија, експертите за животна средина и активисти редовно го огласуваат алармот. Се верува дека годинава, поради пандемијата на коронавирус, надлежните не го следеле овој проблем детално.
Критичарите исто така ја обвинуваат владата на бразилскиот претседател Жир Болсонаро дека дава поддршка за уништувањето на шумите и тактиката за сечење и палење на дрвјата. Болсонаро, десничарски популист, ја поддржува идејата за економска експлоатација на Амазонија, односно ги оправдува земјоделците кои ја сечат шумата со цел зголемување на обработливите површини.
Минатата година тој беше жестоко критикуван за уништувачките пожари во регионот на Амазонија.
Текстот Во амазонската прашума во Бразил регистрирани најголем број пожари во последните 13 години е превземен од МАКФАКС.