Ролан Гарос ќе дозволи трибините да бидат полни со навивачи до 60 отсто и покрај пандемијата на корона вирусот, односно максимално четири гледачи ќе можат да седат еден до друг со празно седиште меѓу две групи, објавија организаторите на Францускиот опен.
Претседателот на Француската тениска федерација (ФФТ), Бернар Жудикели изјави дека ова правило ќе важи за главните терени, додека на споредните терени ќе има по едно празно место меѓу секој гледач на турнирот кој стартува на 27 септември. Ова значи дека 20.000 гледачи ќе има во првите кола на гренд слемот и 10.000 гледачи на финалето.
„Одиме на одговорната опција. Ако ситуацијата се подобри, ќе бидат достапни нови билети во септември“, вели Жудикели, кој додаде дека сите гледачи ќе мораат да носат заштитни маски.
Францускиот опен беше преселен од мај-јуни во септември поради КОВИД-19, а пред турнирот во Париз ќе се оддржи и САД опен во Њујорк од 31 август до 13 септември.
> Ролан Гарос ќе се игра пред 60 отсто полни трибини <