Во САД во изминатите 24 часа се пријавени најмалку 52.898 новозаболени, што е најголем број од почетокот на пандемијата, покажуваат податоците објавени од универзитетот „Џон Хопкинс“.
По овие нови случаи на инфекција, вкупниот број случаи на американско тло се искачува на 2,7 милиони. Во изминатите 24 часа од пандемијата, 706 луѓе починале во САД, или вкупно 128.028.
Бројот на новозаболени во САД е најголем од почетокот на Сарс-Ков-2, а бројот на хоспитализирани пациенти расте во неколку жаришта како Хјустон (Тексас) и Феникс (Аризона).
Така, Тексас го сруши својот дневен рекорд и пријави 8.076 нови случаи на Ковид-19, скоро 1.000 повеќе од претходниот ден.
Некои американски држави мораа да престанат да ги олеснуваат епидемиолошките мерки поради ширењето на инфекцијата.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њузом, донесе одлука дека ќе ги забрани, како што стори и во екот на пандемијата, сите ресторански услуги во затворени простори во Лос Анџелес и во 18 други окрузи од најтешко погодените држави.
Забраната важи и за барови, кина и музеи и ќе важи најмалку три недели.
И гувернерот на Мичиген, на северот на земјата, рече дека ќе се затворат повеќето барови што се сметаат за понови жаришта, а Орегон, на северозапад и Пенсилванија, на северо-исток, им се придружија на државите каде што носењето маска е задолжително.
Текстот Повеќе од 50.000 новозаболени од коронавирус за 24 часа во САД е превземен од МАКФАКС.