Скопје, 30 јуни 2020 (МИА) – Владата на денешната седница донесе одлука за постоење кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на нашата држава.
Постоењето на кризната состојба утврдена со оваа одлука ќе трае 30 дена од денот на нејзиното влегување во сила, односно од 2 јули, а со тоа се активира и Главниот штаб при Центарот за управување со кризи кој ќе биде во постојано заседавање.
– Со оваа одлука Владата го задолжи Главниот штаб при Центарот за управување со кризи да изготви акциски план за превенција и справување со влезот и транзитирањето на мигрантите низ територијата на Република Северна Македонија, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално – технички ресурси и план за координирано дејствување, а органите на државната управа да преземат мерки и активности согласно прописите за управување со кризи, соопшти денеска владиниот Сектор за односи со јавност.
На предлог на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Владата денеска ја разгледала и усвоила Информацијата во врска со Предлог – национален план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства (жени и деца), и дала согласност на Националниот план. цр/лв/