Демир Хисар, 30 јуни 2020 (МИА) – Општинскиот кризен штаб на Демир Хисар одлучи да се применува посебна заштитна мерка, мерење на телесна температура на странките и вработените кои влегуваат во административната зграда на тамошната локална самоуправа.
Од Општинскиот кризен штаб на Демир Хисар воедно апелираат доследно да се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19 и никој да не го потценува вирусот, иако во моментов во таа општина е регистриран само еден случај на заразено лице со коронавирус.
– Општината ќе продолжи да обезбедува здравствена грижа за граѓаните, но тие се должни да ги почитуваат мерките препорачни од здравствените установи и други надлежни институции. Носењето заштитна маска и држење дистанца, редовна дезинфекција и свесност за проблемот со кој се соочуваме е обврска за сите. Ги задолживме раководителите на сите институции да обезбедат доследно почитување на мерките и контрола, а во админстративната зграда на општината при влез ќе се мери телесна температура на странките и вработените, изјави Марјанче Стојановски, градоначалник на Општина Демир Хисар.
ОКШ-Демир Хисар порача до политичките партии кои учествуваат на парламентарните избори при организацијата на секаков собир доследно да ги почитуваат и спроведуваат мерките и препораките за заштита од Ковид-19 во текот на нивните преизборни активности. мт/фф/