Скопје, 30 јуни (МИА) – На 29 јуни 2020 околу 09.00 часот во СВР Велес било пријавено дека на фарма за добиток во с.Превалец, велешко, четири непознати лица кои се претставиле дека се од с.Сарај, скопско, го измамиле П.К.(67) од Велес, така што договориле купопродажба на девет грла крупен добиток за сума од 6.000 евра, а откако добитокот го натовариле во товарно возило „мерцедес“, со кумановски регистарски ознаки, двајца од нив заминале, додека П.К. со останатите две лица, кои биле со патничко возило „мерцедес“, со скопски регистарски ознаки, се упатиле до Ветеринарна станица во Велес за да ги комплетираат документите за купопродажбата. По ова, едно од лицата, користејќи изговор дека ќе го пренесува неговиот брат, на П.К. му оставил паричник како гаранција, по што лицата заминале. Откако П.К. го отворил паричникот, кој бил наполнет со хартија, дошол до сознание дека е измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 29 јуни 2020 во 12.00 часот во Полициска станица Дебар Г.Д.(85) од Дебар пријавил дека околу 08.30 часот, на пат во Дебар, две непознати лица кои се претставиле како државјани на Израел и на Црна Гора, со прикажување на лажни факти го измамиле Г.Д., така што со изговор дека им требаат пари за породување на сопругата на едниот од нив, му одзеле 1.000 американски долари и 100 евра, а како гаранција му дале ланец во жолта боја, по што го напуштиле местото на настанот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 29 јуни 2020 во 15.23 часот во СВР Битола, Р.М. од с.Сопотница пријавила дека од домот се оддалечил нејзиниот син Д.М.(26) од с.Стругово, демирхисарско. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
На 30 јуни 2020 во 01.00 часот во СВР Скопје, М.Л.(26) од Скопје пријавил дека во 00.00 часот на ул.„13“ во с.Инџиково бил физички нападнат од повеќе непознати лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 29 јуни 2020 во 11.30 часот во СВР Скопје, Г.Г.(32) од Скопје пријавил дека на 27 јуни 2020 околу 00.10 часот, во близина на паркинг пред угостителски објект на ул.„Народен фронт“, додека бил со Џ.Р. и Н.Т., бил физички нападнат од две непознати лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 29 јуни 2020 во 20.20 часот во СВР Скопје, Ј.Д.(48) од Скопје пријавил дека на 28 јуни 2020 околу 20.30 часот на детско игралиште на ул.„Влае“, неговиот 11-годишен син бил физички нападнат од О.А.(39) од Скопје. Сочинет е записник за констатиран прекршок по чл. 12 од ЗППЈРМ .
На 28 јуни 2020 околу 21.00 часот во СВР Велес било пријавено дека настанал пожар во место викано „Грнчишка река“, при што биле зафатени бали слама во штала сопственост на Н.Р.(70) од с.Кочилари, велешко. Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица од Велес. Бил извршен увид на местото на настанот.
На 29 јуни 2020 околу 17.00 часот во Полициската станица Кавадарци, Љ.С.(40) од с.Ваташа, кавадаречко, пријавил дека на ул.„Благој Крстиќ“ во Кавадарци бил каснат од куче скитник.
На 29 јуни 2020 околу 11.50 часот, полициски службеници од СВР Тетово – ОВР Гостивар, на ул.„Мајор Чеде Филиповски“ во Гостивар, каде без заштита на лицето чекала во ред пред банка, ја привеле М.Ж.(41) од Гостивар, затоа што го нарушила јавниот ред и мир со агресивно однесување кон полициските службеници. На М.Ж. ѝ е изготвен соодветен поднесок.
На 28 јуни 2020 околу 22.00 часот во СВР Велес било пријавено дека во с.Сирково настанал пожар во трло со овци, сопственост на В.А.(40), при што изгорел добиток. Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица од Кавадарци. Бил извршен увид на местото на настанот.
На 29 јуни 2020 во 23.40 часот во Полициската станица Штип, Ќ.М.(46) од Штип пријавил дека тој и неговиот брат околу 22.10 часот на ул.„Широк дол“ во Штип биле физички нападнати од повеќе лица кои употребиле и тврди предмети, а им ги оштетиле и возилата. Според пријавеното, потоа лицата влегле и во нивните домови каде физички ги нападнале и нивните семејства. За настанот бил запознаен Јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Регионалниот центар за гранични работи Север поднесе кривична пријава против А.Т.(27) од с.Кутретино, демирхисарско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“. На 28 јуни 2020 во 00.01 часот, по претходна телефонска дојава дека на пат Куманово – Крива Паланка, кај место викано „Ливаде“ биле забележани две товарни возила од кои излегле мигранти, од полициските службеници биле пронајдени двајца повредени мигранти од Пакистан и Бангладеш, кои биле пренесени во Општа болница во Куманово за укажување на лекарска помош. Притоа, еден од нив се здобил со тешки телесни повреди, додека вториот мигрант се здобил со телесни повреди. Во врска со случајот, на место викано „Четал“, во Страцин, од полициски службеници било запрено товарно возило со полуприколка, управувано од пријавениот, при што било утврдено дека тој со товарното возило прифаќал и превезувал мигранти, но поради недостаток на воздух во него, мигранитите биле принудени да скокнат од возилото додека било во движење. Од страна на судија на претходна постапка, на пријавениот му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, по што истиот бил спроведен во КПУ „Затвор Скопје“.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.А.(59) и А.А.(25), двајцата од с.Добарце, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 24 април 2020 во с.Добарце, во дворот од куќата на И.М.(43), а поради нерасчистени меѓусебни односи, второпријавениот започнал вербална расправија, а потоа и физички го нападнал И.М., по што заминал. По ова, внукот на И.М. отишол во домот на пријавените, каде тие физички го нападнале, а откако дошол и И.М. со намера да ги раздели, со употреба на метален предмет и дрвена палка бил нападнат од пријавените, здобивајќи се со тешки телесни повреди.
ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против Ф.Ј.(33) од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 30 мај 2020 околу 20.15 часот во Прилеп, на ул.„Јоска Јорданоски“ пред пекарница, пријавениот испукал истрели од огнено оружје, со што предизвикал општа опасност.
ОВР Гостивар поднесе кривична пријава против М.З.(46) од с.Добридол, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 6 јуни 2020 околу 14.00 часот, на локалниот пат во с.Добридол, при разминување со патнички возила, пријавениот преку прозорец упатил закани по неговиот и животот на семејството на Х.Ш. (33) од с. Градец, кој се движел со службено возило, а потоа со неидентификуван повик се јавил на неговиот телефон и продолжил да му упатува закани по животот.
Регионалниот центар за гранични работи Север, преку СВР Куманово, поднесе кривична пријава против А.А.(28) од с.Василево, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“. На 13 март 2020 во 22.10 часот пријавениот, управувајќи патничко возило „опел зафира“, не застанал на даден светлосен и звучен сигнал за запирање од страна на полициски службеници, туку ја зголемил брзината и се упатил по обиколница кон Крива Паланка. Откако бил престигнат, го оставил возилото и се дал во бегство, а во возилото биле пронајдени 16 мигранти од Пакистан, Авганистан и Сирија, од кои осум биле малолетни лица.
ОВР Гостивар поднесе кривична пријава против А.Ф.(19) од село Чегране, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 8 февруари 2018 во Гостивар, на ул.„Илинденска“, при извршен преглед на пријавениот од страна на полициски службеници, била пронајдена и одземена марихуана.
СВР Куманово поднесе три кривични пријави против Љ.С.(35), М.С.(23) и С.М. (32), сите од Куманово, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Во периодот од 2 мај до 6 јуни 2020 пријавените биле затекнати надвор од нивните домови, со што постапиле спротивно на здравствените прописи, односно воведената мерка за забрана на движење заради спречување на вирусот Ковид-19.
На 29 јуни 2020 во 23.10 часот во СВР Охрид биле приведени Д.Н.(29) од Охрид и В.К.(36) од охридското село Велгошти, бидејќи при нивни преглед извршен од страна на полициски службеници во с.Долно Лакочереј, била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот, против приведените ќе биде поднесена соодветна пријава. см/