Утрински Весник
Македонија

Родот во програмите за деца во фокусот на јавниот состанок на АВМУ

Родот во програмите за деца во фокусот на јавниот состанок на АВМУ

Скопје, 30 јуни 2020 (МИА) – Анализата за родот во медиумите која опфаќа вкупно 520 емисии за деца емитувани на програмските сервиси МРТ1 и МРТ2 – Програма на албански јазик и седумте национални терестријални телевизии ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител, ТВ Телма и ТВ Алсат М, во период од 15 септември до 15 октомври 2019 година, беше една од темите на денешниот јавен состанок што го одржа директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски преку видео конференциска врска.

Како што соопшти АВМУ, според авторот на анализата, Јавниот сервис води планирана и осмислена програмска политика во однос на детската популација, но оваа констатација многу повеќе важи за МРТ1, отколку за МРТ2 – Програма на албански јазик, зашто на овој сервис програмата за деца само делумно го има потребниот вариетет.

-Во однос на програмите на приватните терестријални телевизии на државно ниво, наодите покажуваат дека не постои осмислен или внимателен уредувачки пристап во изборот на емисии наменети за различни возрасни сегменти на малолетната публика, при што има многу помалку емисии за деца отколку кај Јавниот сервис. Најмногу емисии за деца се емитувани на ТВ Сител, следува ТВ Канал 5, на ТВ Телма емитувани се само неколку изданија на една емисија, што во извесна мера важи и за ТВ Алсат М, а ТВ Алфа во анализираниот месец воопшто нема емитувано емисии за деца, наведува АВМУ.

Анализата која за потребите на Агенцијата ја изработи истражувачка агенција, нуди и препораки за Јавниот сервис и за приватните телевизии. Анализата е веќе објавена на веб страницата www.avmu.mk, во посебниот банер „Родот и медиумите“, a во наредниот период во форма на публикација ќе биде испечатена на македонски, албански и англиски јазик.

На состанокот, директорот на Агенцијата, Зоран Трајчевски, направи пресек на многубројните реализирани активности согласно Годишната програма за работа во изминатите шест месеци. Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со мониторингот на изборниот процес за предвремените парламентарни избори, спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, издавачите на печатени медиуми, изречените мерки јавна опомена, изработените анализи и студии, активностите на полето на меѓународната соработка. мч/дма/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме