Скопје, 30 јуни 2020 (МИА) – Како ново и круцијално поглавје во битката за правна држава го оцени денеска заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, Законот за Јавно обвинителство, кој денеска стапи во сила.
-Собранието, пред да се распушти во тензична атмосфера, го изгласа со двотретинско мнозинство овој Закон. Тензично, затоа што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со сите сили се обидуваа да го блокират неговото донесување. Го правеа тоа цели 18 месеци, бидејќи добро знаеја дека денот кога Законот ќе стапи на сила, е и денот кога ќе пропаднат сите нивни обиди да побегнат од правдата. За нив кобни се новите одредби за преземање на предметите од поранешното Специјално Јавно Обвинителство (СЈО), кои гарантираат дека сторителите на кривични дела ќе ја добијат заслужената казна, истакна Жерновски.
Тој додаде дека Владата, предводена од СДСМ, демонстрирала силна политичка волја за продолжување на реформите во областа на борбата против организираниот криминал и корупција, воедно испраќајќи силна порака кон домашната и меѓународна јавност за политичката заложба на нашата земја кон носење конзистентни одлуки.
-Иако се работеше за еден комплексен предизборен период, не постоеја никакви дилеми за преземање на одлучувачки чекори за продолжување на европскиот курс на земјата.
Ние од оваа борба не се откажуваме. Напротив! Крикот на граѓаните и на државата за правда и понатаму ќе не’ води напред, бидејќи сите заслужуваме да живееме во таква држава, наведе Жерновски во соопштението. ац/