Гевгелија, 30 јуни 2020 (МИА) – Бројот на младите во Општина Гевгелија кои употребуваат наркотици и психотропни супстанци веројатно е многу поголем од веќе регистрираните 54 лица.
Митко Крџев, директор од ЈЗУ „Општа болница“ во Гевгелија и координатор на Центарот за превенција истакна дека од овие лица, шест се жени и 48 мажи на возраст од 30 до 45 години, вклучувајќи ги и лицата од гевгелискиот затвор кои се на третман.
– Нерелевантните податоци би биле само шпекулативна бројка, далеку од реалната, па за приближно одредување на распростанетоста на консументите на наркотици и психотропни супстанци потребна е координација на повеќе институции, нагласи Крџев.
За сериозноста на појавата два пати за кусо време расправаше и локалниот Совет за превенција, кој по молба од родители побара засилена контрола од надлежни органи и служби на локации во градот кои се мапирани како критични места. Советот предложил и формирање мешовита патрола од родители и надлежни служби за заедничка посета на мапираните точки во градот.
Вонредната состојба и пандемијата од коронавирусот моментно ги одложија предвидените активности чија што реализација е пролонгирана за почетокот на новата учебна година доколку се уште актуелната здравствена криза не наложи некоја друга опција. им/фф/