Крива Паланка, 30 јуни 2020 (МИА) – Дежурни екипи на јавното претпријатие „Комуналец” од Крива Паланка во соработка со Територијалната противпожарна единица од градот вршат секојдневно дезинфицирање на улиците во градот.
Активностите се реализираат според планот за дезинфекција по насоките и заклучоците од Општинскиот кризен штаб издадени во време на пандемијата со КОВИД-19.
– Цистерни од нашето претпријатие и возила од Територијалната противпожарна единица како помош, во текот на денот гравитираат од граничниот премин Деве Баир, каде редовно се врши дезинфекција. Перењето и дезинфекцијата продолжуваат на главната улица „Св. Јоаким Осоговски“, се дезинфицираат и споредните улици, реоните пред и околу колективните станбени објекти, како и влезовите и дворовите на Здравствениот дом, Итната медицинска помош и објектите на останатите служби, информира директорот на ЈП „Комуналец” – Крива Паланка, Миле Марковски.
Според него, деновиве интензивно се работи и на хортикултурно уредување на јавните површини во градот. Вработени во секторот Паркови и зеленило вршат обнова и декорирање на цветните површини. ид/мч/