Делчево, 29 јуни 2020 (МИА) – Во Делчево продолжуваат обуките за членовите на избирачките одбори, кои поради здравствената пандемија беа прекинати во март. Сертифицираниот обучувач при Државната изборна комисија Сања Митревска истакна дека целта е учесниците да се запознаат со новите обврски кои членовите на избирачките одбори ги имаат за спроведување на изборите во услови на пандемија.
– Од денеска продолжуваат обуките за членовите на избирачките одбори кои се спроведуваат од страна на Државната изборна комисија. Целта на овие обуки е, не само стекнување на знаења за правилно и закониto спроведување на изборниот процес, туку и првпат оваа година во услови на пандемија да се осознааат здравствените мерки и протоколи при спроведувањето на овие избори, истакна Митревска.
Митревска посочи дека обуките ќе се спроведуваат и во наредните два дена.
– Денеска спроведуваме две обуки во Делчево, а со членовите на избирачките одбори ќе имаме обуки и во текот на наредните два дена, додаде Митревска.
Од Општинската изборна комисија истакнаа дека во секоја група ќе бидат опфатени најмногу по 30 учесници кои се членови на избирачките одбори.
Претходно, во посета на Општинската изборна комисија беа членови на ДИК, кои заеднички констатираа дека ќе се направи се, изборниот процес да биде безбеден, како за гласачите, така и за сите инволвирани во неговото спроведување. вс/фф/