Кочани, 25 јуни 2020 (МИА) – Проектот за третман на отпадните води во Кочани продолжува со решавање на канализациските системи во селата Тркање и Оризари и рехабилитација на мрежата во Кочани.
Швајцарската агенција за развој и соработка обезбеди грант за реализација на градежните работи, а Општина Кочани ќе учествува со 10 отсто од средствата, што ќе бидат наменети за потребната експропријација на земјиштето и за изградба на канализациска мрежа.
Претставници на проектантот „Хидроенергоинженеринг“ и консултанти на проектот денеска ги презентираа анализите од увидот во состојбата на теренот и излегоа со предлог-решенија пред раководните и стручните служби на Општина Кочани и комуналното претпријатие „Водовод“.
Решавањето на канализациската мрежа во Тркање ќе значи комплетна покриеност на селото кое има 400 домаќинства, а постојната фекална канализација опфаќа само половина од нив. При проверката извршена со геодетско снимање и утврдување на состојбата, инженерите констатирале дека шахтите се плитки, наполнети со нанос, има куќни приклучоци директно во цевка и се утврдени локации со падови помали од дозволените.
Новиот канализациски систем во Тркање се проектира со должина од шест километри, со што сите фекални води ќе се поврзуваат со кочанската пречистителна станица за отпадни води, а ќе се решат спорните делници со несоодветна нивелација и ќе се спречи излевањето на фекалните води во Трканска Река.
Во презентацијата беше истакнато дека во Оризари најголемите проблеми доаѓаат од нестандардните канализациски цевки без спојки, со изместувања и инфилтрација на други води во нив. Идејното решение опфаќа зафаќање на водите од Кочански Дол во Оризарска Река, во должина од над 1,5 километар.
Во буџетот, што е донација од Швајцарската агенција за развој и соработка, Општина Кочани ќе учествува со 10 отсто, средства што ќе бидат наменети за потребната експропријација на земјиштето и за изградба на канализациска мрежа.та/см/