Утрински Весник
Македонија

Онлајн настан „Лице в лице со новата Земја – соочување“: Каква иднина ќе имаме зависи од нас

Онлајн настан „Лице в лице со новата Земја – соочување“: Каква иднина ќе имаме зависи од нас

Скопје, 24 јуни 2020 (МИА) – Одговорноста за општествени промени е кај граѓанинот, во неговите вредности, ставови и во неговиот раст, беше заклучено меѓу другото, на онлајн настанот „Лице в лице со новата Земја – соочување“, што се одржа вчера по повод промоцијата на новиот, 40-ти број на уличното списание за одржлив развој „Лице в лице“ на платформата „Зум“.

На средбата, како што соопшти тимот на „Лице в лице“, учесниците зборувале за личните и професионални предизвици пред кои сме исправени во овој период на пандемија.

– Моќта за промена на општеството е информирани и активни граѓани. Граѓани кои не се стадо, туку збир од силни индивидуалци свесни за својата моќ. Таквите граѓани ќе придонесат до создавање посилни институции кои се во нивна служба и на поодговорни бизниси со тоа што ќе купуваат производи и услуги од бизнисите кои што својот бизнис модел го креираат одговарајќи и на предизвиците на општеството и планетата, а ќе ги истиснуваат оние кои што се заглавени во максимизирање на профтот со правење значајни штети за општеството и за природата, нагласи Климентина Илијевски, извршна директорка на „Паблик“ и главна уредничка на „Лице в лице“.

Гостите на настанот – корежисерката на „Медена земја“, Тамара Котевска, коосновачката на мобилната апликација „Челинџер“, Олга Рајчиќ и режисерот Сергеј Ѓеоргиев, споделиле поинаков светоглед, од позиција на млади луѓе кои креираат, иновираат и влијаат на нашето заедничко, подобро „утре“.

Котевска зборувала за тоа колку таа, во овој период, успева да ја согледа микропромената кај себе и како таа лична промена може да влијае на поширокиот систем, бидејќи, како што вели, освестени, задоволни од себеси, активни граѓани, значат и освестено и силно општество.

– Јас дојдов до едно затишје кое ми беше повеќе од добредојдено. Така, дојдов до три точки кои ми се многу важни – мир, соочување и растење. Мораме да си дадеме време за еден ваков процес на интроспекција. Од него се раѓаат вистинските одлуки, рече Котевска, која овој период е посветена и на ново филмско остварување и дополни дека неопходно е човекот постојано да се преиспитува за чекорите што ги презема и да делува од позиција на вредностите.

Рајчиќ пак, сподели за тоа како тимот на „Челинџер“ ја измени апликацијата прилагодувајќи ја на спецификите на периодот на пандемијата, притоа одговорно пристапувајќи на потребите на општеството.

Ѓеоргиев, се осврнал на искуството со документарниот филм „Виа Динарика – македонската авантура“, чии инспиративни кадри укажуваат на важноста на туризмот, на локалните заедници и нивниот одржлив развој, на потребата да се вратиме на заборавените потенцијали што ги има нашата земја.

– Секоја земја има убави пејсажи или друг вид природна убавина. Со овој филм, се надевам влеговме подлабоко во оригиналната убавина на луѓето кои ги оставиле своите животи во урбаната средина и се посветиле на животот на село, обидувајќи се, преку страста што ја имаат за природата, за таквиот начин на живот да преживеат. Луѓето со страст кон нешто секогаш се инспирација, а секој може да направи микрочекори и да ги посведочи своите вредности преку делата што ги прави, вели тој.

На настанот, соопштија од „Лице в лице“, била промовирана и видео нарацијата „Рестарт“ која ја изработила театарската група „Пресврт“, а чија цел е доближување на суштинските ставови на значајни светски имиња – нобеловецот Мухамед Јунус, историчарот Јувал Ноа Харари и економистот и социолог Ото Шармер за насоката во која што треба да се движи светот после пандемијата.

– Најновото 40-то издание на „Лице в лице“, посветено на бизнисите, лидерството, на институциите и на граѓаните од иднината, носи и содржини кои се врзани за многу иницијативи кои се појавија како резултат на ефектите од Ковид 19, написи за важноста од руралниот развој и социјалната економија, за потребите од нов модел на образование, и уште многу други четива подговени од визонери – соработници на „Лице в лице“, наведуваат во соопштението. мс/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите

Стипендии за студенти на УКЛО од семејства со ниски приходи

До петок стабилно и сончево – викендов снег