Скопје, 24 јуни 2020
На првиот ден од изборната кампања на предвремените парламентарни избори кои треба доведат до политичка влада со полн легитимитет, НСДП упатува апел до сите учесници во изборниот процес да го спроведат во фер и демократска атмосфера, исполнет со политички натпревар на идеи и програми. Овие избори ги дочекуваме како држава членка на НАТО и пред отворање на поглавјата со ЕУ, што не обврзува да спроведеме изборен процес кој нема да отстапува од западните демократии.
Сите заедно да се обидеме да обезбедиме коректна политичка кампања, да дадеме се од себе за да го покажеме најдоброто, најуспешното, најквалитетното. Да не дозволиме да заборавиме дека партиите треба да се натпреваруваат во идеи и програми, а не во дискредитации и омаловажувања, бидејќи целта ни е иста-подобар живот на македонскиот граѓанин.
Да не бидеме непријатели туку конкуренти во политички натпревар чиј единствен посакуван резултат треба да биде општиот напредок и просперитет. Да се издигнеме над постојаните делби, пакости, меѓусебни деградирање и да се потсетиме дека има смисла борбата за основните човечки вредности-вистина, правда и чесност.
Да постигнеме цивилизациски напредок во демократското созревање на нацијата и во правењето исчекор кон западно европските вредности. Тоа е борба на сите нас, за граѓаните, за Северна Македонија.
Имајќи ја во предвид пандемијата со корона вирусот, НСДП воедно апелира и до сите учесници во изборниот процес, членови или симпатизери на политички партии, до граѓаните, строго да ги почитуваат владините препораки и протоколи за заштита и спречување на ширење на корна вирусот. Да не се дозволи предизборната кампања да прерасне во епидемиолошка критична ситуација која ќе доведе до загрозување на здравјето на граѓаните.
СЛУЖБА ЗА ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ НА НСДП
________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки