Куманово, 23 јуни 2020 (МИА) – Средното стручно општинско училиште „Киро Бурназ“ Куманово од наредната учебна година ќе функционира како Регионален центар за стручно образование и обука, најавија денеска надлежните од училиштето. Во декември лани и Владата донесе одлука, ова училиште лоцирано во рурална средина да биде регионален центар за стручно образование и обука во рамки на североисточниот регион.
Директорката на Средното училиште Весна Трајковска истакна дека освен редовна настава за учениците преку бројните струки, училиштето ќе понуди и неформално образование за возрасни, преквалификација за одредени струки. посочи дека концептот за развивање на регионални центри со опфат на формалното, неформалното образование на возрасните е изработено на иницијатива на Министерството за образование и наука, а се реализира со поддршка од Европската фондација за обука.
– Училиштето е преориентирано да стане Регионален центар за стручно образование и обука за два сектора, земјоделство, рибарство и ветеринарство и хемија и технологија. Меѓутоа, анализите коишто беа направени пред да премине нашето училиште во Регионален центар покажаа дека во овој регион има потреба и за отворање на секторот градежништво, така што ќе настојуваме во наредните години да го имплементираме и овој сектор. Она што е битно за нашиот регионален центар е дека на овој начин ќе имаме соработка со Агенцијата за вработување, со општините, со бизнис секторот во општините и врз основа на барањата на овие сектори ќе имаме можност и да ги задоволиме нивните потреби но повеќе во обука на возрасни, рече Трајковска.
При утврдувањето на функциите за секој Регионален центар за стручно образование и обука може да има различност во секој регион земајќи ги предвид локалните карактеристики. Функциите се базираат на образовните приоритети и потребите на пазарот на труд на национално и регионално ниво. Центарот ќе биде должен да обезбеди 30-тина функции раководење со простории, опрема, стручно усовршување, мобилност на кадарот, анализа и идентификација на потреби за работна сила и вештини на пазар на трудот во целиот регион, иницирање измена на наставни планови и програми.
Основно ќе биде и остварување на средби со бизнис заедницата која на ниво на регион има специфични барања за стручни кадри. Врз основа на барањата на пазарот на трудот во соработка со МТСП и со Агенцијата за вработување да изработи, а потоа и да побара одобрување на програма ќе се определува бројот на кандидати кои ќе се преквалификуваат.ам/фф/