Утрински Весник
Македонија

Владата го зголеми просторот за политички реклами во предизборната кампања во медиумите од 10 на 15 часа

Владата го зголеми просторот за политички реклами во предизборната кампања во медиумите од 10 на 15 часа

Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски на денешната прес-конференција потврди дека времето за платено политичко рекламирање во медиумите за време на изборната кампања е зголемено од 10 на 15 часа. Владата на вчерашната седница донесе измени и дополнувања на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието на РСМ на 15 јули.

– Во Уредбата што беше вчера донесена е зголемено времето за можност за користење на реклами за време на политичка кампања на телевизиите на 15 часа. Притоа, само се дефинирани условите и начинот на којшто политичките субјекти можат да го закупат тоа време, бидејќи постоеше опасност или имаше обид за интервенција од Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги во начинот на неспроведување докрај на одлуката на Државната изборна комисија и од тие причини беше неопходно Владата само да ги појасни членовите од Законот – изјави министерот Поповски.

Тој дополни дека владата требало да ги додефинира одредбите во функција на фер и демократски избори. Со зголемување на времетраењето на платеното политичко рекламирање за претстојните избори ќе се подобри и финансиската состојба на медиумите, посочи министерот Роберт Поповски.

Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) попладнево испратија допис до медиумите, во кој се наведува дека ААВМУ ќе направи измени на Упатството за лимитите на платено политичко рекламирање за изборите на 15 јули, за што дополнително ќе ја информира јавноста. Инаку, СДСМ и Движењето БЕСА реагираа на веќе донесеното Упатство, со кое тие ја обвинија ААВМУ дека минутажата за политички реклами на БЕСА незаконски ја дале на ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај регулирањето на правилата за платено политичко рекламирање за политичките партии, со измените на Уредбата се регулираат и правилата за обврската на медиумите за бесплатно да ги емитуваат информативните и едукативните кампањи на Државната изборна комисија, кои се определуваат во траење од 30 секунди на секој час.

„Измените и дополнувањата на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на 15 јули 2020 година ги утврдува и правилата за распределбата на рекламниот простор на интернет порталите и во печатените медиуми наменет за платено политичко рекламирање, како и начинот и правилата за распределбата на финансиските средства за платено политичко рекламирање обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија согласно член 76-д од Изборниот законик“, се вели во соопштението на владината прес-служба.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Шекеринска ги обедини СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во чест на историскиот успех

Македонски автобус вечерва се излизга од автопат и удри во банкина во Србија

Мицкоски: Се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција од банките, целта е што пониска камата за бизнисот