Утрински Весник
Македонија

Обврски од Изборниот законик за радиодифузерите во тек на кампањата

Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги:На сите медиуми да им се овозможи еднаков пристап за известување

Скопје, 23 јуни 2020 (МИА) – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги  (ААВМУ) преку соопштение укажува на обврските од Изборниот законик за време на изборната кампања за предвремените парламентарани избори, која што почнува утре.

Воедно ААВМУ најавува дека ќе направи измени на Упатството за лимитите за платено политичко рекламирање за претстаојните парламентрни избори,  по синоќешните измени и дополнувања на владината Уредба со зкаонска сила за прашања поврзани со изборите.

-За време на изборната кампања радиодифузерите што одлучиле да го покриваат изборниот процес се должни тоа да го прават на правичен, на избалансиран и на непристрасен начин во својата вкупна програма, а јавниот радиодифузен сервис и националните радиодифузери и во формат соодветен за лицата со сетилна попреченост. Притоа на сите учесници во кампањата треба да им овозможат подеднакви услови за пристап до сите облици на изборно медиумско претставување – вести, посебни информативни програми, бесплатно политичко претставување и платено политичко рекламирање, а програмите наменети за малолетна публика да не ги користат за изборно медиумско претставување , го цитира ААВМУ член 75 од Изборниот законик.

Избалансирано покривање на изборниот процес во сите облици на изборно медиумско претставување, освен во платеното политичко рекламирање, како што наведува, треба да се обезбеди во согласност со принципот на пропорционалност според бројот на потврдени листи на кандидати за пратеници. При утврдување на избалансираноста се зема во предвид интензитетот на активностите во рамките на кампањите  на учесниците

-Известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините, на државните институции, како и на правните и други лица со јавни овластувања не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект. Уредници, новинари, водители на програма и презентери, ангажирани во подготвување програми на радиодифузерите, не смеат да учествуваат во предизборни активности за учесниците во изборниот процес, укажува ААВМУ.

Радиодифузерите се должни да го снимаат излезниот сигнал на својата програма и да ги чуваат снимките најмалку 30 дена по завршување на изборите. Додека на барање од Агенцијата, треба да достават снимки и други податоци, најдоцна во рок од 48 часа од добивањето на барањето.

Забрането е да се емитуваат реклами финансирани од Буџетот на државата, од буџетите на општините и на градот Скопје и на сите други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања.

Радиодифузерите треба да ги почитуваат лимитите за платено политичко рекламирање, утврдени во Уредбата на Владата за прашања поврзани со изборите за пратеници, односно Упатството на Агенцијата за лимитите за платено политичко рекламирање.

Платеното политичко рекламирање  мора да биде соодветно и видливо означено како „платено политичко рекламирање“ и јасно одвоено од другите содржини на медиумите со јасно означен нарачател. Не е дозволено учество на малолетници, и не смее да се емитува во вести, посебни информативни програми, образовни и програми за деца, и во преноси од верски, спортски  културни, забавни и други настани. Исто така посебните информативни порограми не смеат да се користат како облик на платено политичко рекламирање. Кампањите на ДИК за едукација на гласачите за остварување на избирачкото право  и за фер и демократски избори не се сметаат за платено политичко рекламирање.

Јавниот радиодифузен сервис, пак,  е должен да обезбеди непристрасно информирање и рамноправен пристап во информативната програма во согласност со принципите утврдени во Изборниот законик, да емитува бесплатно политичко претставување на учесниците во изборниот процес, како и да организира дебатни емисии со нив.

Резултати од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес се објавуваат најдоцна пет дена пред денот определен за одржување на изборите. При нивното објавување задолжително треба да се наведат податоци за името на нарачателот кој го побарал и го платил испитувањето, институцијата што го извршила, применетата  методологија, големината и структурата на испитаниот примерок и периодот во кој е спроведено (член 77).

Радиодифузерите , како и нивните поврзани лица, не смеат на каков било начин да финансираат или пак, да даваат донации на учесниците во изборнот процес.

На образец пропишан од министерот за финансии, во рок од најдоцна 15 дена по завршување на изборната кампања, радиодифузерите се должни да поднесат  извештај  за рекламниот простор искористен од секој од учесниците во изборната кампања и за средствата кои се платени или се побаруваат по таа оснва. Извештајот се доставува до Министерството за финансии, Државната изборна комисија, Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупцијата. лв/дма/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Исчезнат е Виктор – најблиските бараат помош од граѓаните

Денеска се празнува света великомаченик Мина

СДСМ ќе го одржи 30-тиот конгрес