Утрински Весник
Македонија

ФООМ: Апел за фер изборна кампања и почитување на демократските вредности

ФООМ: Апел за фер изборна кампања и почитување на демократските вредности

Скопје, 23 јуни 2020 (МИА) – Предвремените парламентарни избори кои годинава се одвиваат под многу специфични околности, се предизвик за сите. Важно е, како никогаш до сега, во услови кои ќе обезбедат заштита на здравјето на граѓаните, сите чинители да покажат зрелост, институциите да спроведат фер и демократски избори и со тоа да се оневозможи каква било злоупотреба на
изборниот процес. Тоа е уште еден чекор кон целта – исполнување на условите за непречено
напредување во преговорите со Европската Унија, посочуваат од Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ).

Според ФООМ, од исклучително значење е институциите да обезбедат граѓаните своето право на глас да го остварат во услови кои ќе гарантираат заштита на нивното здравје. Во услови на епидемија, се посочува,  очекуваат и политичките партии да се воздржат од организирање настани кои се спротивни на мерките за заштита на здравјето на граѓаните.

-Апелираме до политичките партии, во претстојните изборни кампањи да се воздржат од говор
на омраза и дискредитација по кој било основ, но и од креирање атмосфера на нетрпеливост,
недоверба и поларизација. Едновремено, ги повикуваме политичките партии да покажат
капацитет за демократско управување, но и чувство на одговорност за иднината на земјата и да
се воздржат од користење и пласирање на лажни вести, се наведува во соопштението.

Во насока на обезбедување демократски избори, а во пресрет на отпочнувањето на преговорите
со Европската Унија, од Фондацијата посочуваат оти очекуваат предизборната кампања нема да се користи за да се дискредитира работата на граѓанското општество, кое делува единствено во интерес на граѓаните со крајна цел подобрување на квалитетот на животот на сите, особено на оние кои живеат на работ на општеството.

Во овој контекст, бараат од политичките партии и во изборните програми, но и понатаму,
имајќи ја предвид мултикултурноста и мултиетничноста на нашата земја, да се заложат за
вредностите на отвореното општество и да: креираат и имплементираат политики со кои ќе се надминат структурните разлики кои се причина за нееднаквоста, обезбедувајќи еднакви можности за сите граѓани, да креираат и имплементираат политики кои ќе ја адресираат растечката дискриминација во земјата, да создадат услови во кои граѓаните, особено маргинализираните, ќе имаат можност да си ги остварат своите права, и да создадат одржливи модели за континуирано и суштинско учество на граѓанското општество во креирањето и имплементацијата на релевантните политики.

-Ги охрабруваме политичките партии преку своите кампањи активно да придонесат кон
создавање атмосфера на солидарност и поддршка кои ни се толку неопходни во наредниот
период на здравствено, економско и општествено справување со последиците од епидемијата
на КОВИД-19., стои во соопштението од Фондацијата Отворено општество – Македонија. вг/дма/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал

Фани Каранфилова Пановска е нов заменик претседател на СДСМ