Дебар, 23 јуни 2020 (МИА) – По зголемиот број новозаразени, Општинскиот оперативен штаб на Дебар со видео порака ќе ја подигнува на повисоко ниво свеста кај граѓаните и деловните субјекти за почитувањето на мерките за заштита од коронавирусот.
Во видео записот „Невидливиот непријател се појави кај нас“ со пораки се јавуваат членовите на Штабот, кои се претставници на значајни институции, непосредно вклучени во справувањето со пандемијата.
Познатиот дебарски епидемилог Ментор Меља, кој како единствен стручњак од оваа област, заедно со неговата екипа го носи главниот товар, упатува апел до жителите на Дебар и Центар Жупа.
– Почитувани граѓани на општина Дебар и општина Центар Жупа поради зголемиот број новозаразени со Ковид-19 ве советувам да ги почитувате мерките и пепораките на Светската здравствена организација: одржување физичка дистанца, оджување на личната хигиена, носење заштитна маска. Посебно ги замолувам граѓаните од двете општини да не се групираат во затворени простории, стои во пораката на Меља.
Со пораки се јавуваат и началникот на Одделението за внатрешни работи Арбен Думани, командирот на ТППЕ Џетан Мифтароски, раководителот на Регионалниот штаб на ЦУК Фемија Ајроски, директорот на Општата болница Баки Халили, раководителот на секторот за комунална хигиена при ЈКП „Стандард“ Омер Цами, но и првиот човек на дебарското муфтиство Решат Качалнику.
– Почитувани граѓани ќе се обидам да го дадам мојот придонес во име на ИВЗ-дебарско муфтиство. Ние се приклучуваме на повикот и барањето на надлежните институции, на потребата во која жвееме и да ги разубедам оние кои сметаат дека во актуелнот миг со пандемијата им се одзема нешто од нивната слобода. Апелирам да се придржуваме кон сите мерки кои ги предвидуваат институциите и Владата, а кои ги налага потребата во која живееме.Тоа е одговорност кон себеси, кон општеството, кон блиските, кон здравјето, одговорност на секој здрав разум и чисто срце. Ве молам, јас прв и сите вие, почитувајте ги препораките и да покажеме цивилизиран однос кон здравјето, животот и кон нашите наследени вредности, апелира дебарскиот муфтија Качалнику.
Видеото завршува со пораката „Со Божја помош и нашата грижа ќе се справиме со невидливиот непријател“.
Претходно во рамки на договорените мерки и активности на дебарскиот Општински оперативен штаб за подигање на свеста од опасноста на коронавирусот и подоследно почитување на препораките за спречување на неговото ширење, низ градот поставен е едукатвен материјал.
Според последно соопштените офцијални податоци, во Дебар вкупната бројка на заразени изнесува 82, од нив само во последните петнаесеттина дена 31 лице. Од вкупната бројка оздравени се 48, починаа четворица, додека активни на болеста се 30 лица. вт/мс/