Скопје, 23 јуни 2020 (МИА) – Владата на синоќешната седница донесе измени и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, со која се утврдува дека завршил временскиот период во кој операторите беа должни да ја обезбедат потребната документација за пререгистрација на програмските сервиси кои ги реемитуваат, и дека треба да ја исполнат обврската да ја достават соодветно пропишаната документација до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги која треба да ја прибават од странски радиодифузери, соопшти денеска владината прес-служба.
Дополнително, а заради обезбедување соодветни услови за информирање на јавноста во овој период на прогласена пандемија, со оваа Уредба е определена обврска за задолжително реемитување на програмските сервиси кои се веќе пријавени кај надлежниот регулатор од страна на операторите, стои во соопштението.
Кабелските оператори завчера го прекинаа емитувањето на ТВ програмите во траење од еден час во знак на протест од, како што соопштија наметнати неуставни обврски во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги да гарантираат за авторските права на програмите кои само ги реемитуваат и за тоа да сносат кривична и материјална одговорност. Дополнително, реагираа и на тоа дека на 29 минатот месец, во време на вонредна состојба, е донесена Уредба со која законот е надополнет со уште една обврска, како што наведоа, на штета на операторите и корисниците која го доведува во прашање натамошното реемитување на телевизиски содржини преку нашата јавна електронска комуникациска мрежа. Оваа Уредба, наведоа, им наметнува обврска на операторите за пререгистрација на веќе регистрираните странски канали во рок од 60 дена.
Министерството за информатичко општество и администрација оцени дека со прекинот е направено прекршување на Законот за електронски комуникации, а ресорниот министер Дамјан Манчевски вчера најави дека ќе имаат средба со сите засегнати страни, потенцирајќи дека новите настани и информации му даваат оптимизам за надминување на проблемот.лв/са/