Утрински Весник
Македонија

Факултет за безбедност: Потребни се итни промени и нова регулатива во делот на кризниот менаџмент, заштитата и спасувањето

Факултет за безбедност: Потребни се итни промени и нова регулатива во делот на кризниот менаџмент, заштитата и спасувањето

Скопје, 22 јуни 2020 (МИА) – Потреба од нормативно уредување на односите, постапките и дејствија на соработка на Армијата и Полицијата во услови на криза и вонредна состојба и воспоставување на систем на функционална заедничка команда и размена на информации, формално правно регулирање на полицискиот час, анализирање и афирмација на позитивните искуства на работата на медиумите, посебно во справувањето со дезинформациите (лажните вести), како и потреба од оценување на улогата и дејствувањето на Агенцијата за аудио-визуелни медиуми во услови на криза и кризна состојба, се дел од препораките за трансформација на безбедносниот систем за негово функционирање во кризна и вонредна состојба како резултат на следењето на вонредна состојба од научно-истражувачкиот тим на Факултетот за безбедност-Скопје.

Членовите на истражувачкиот тим професорите Цане Мојановски, Марјан Николовски, Драгана Батиќ, Марјан Ѓуровски и Никола Дујовски во нивната анализа, која денеска на прес-конференција ја презентираа, утврдиле конкретни прелиминарни препораки каде препорачуваат да се спроведе анализа на полицискиот час кој треба да оди во насока на подобра координација помеѓу надлежните за прогласување и спроведување.

-Овде особено да се потенцира потребата од регулирање на казнената политика поврзана со полицискиот час. Во моментов согласно нашата регулатива, полицискиот час од казнено-правен аспект е регулиран само преку кривичните дела 205 и 206 од КЗ. Треба да се отвори дебата дали нема да биде поцелисходно дел од манифестациите на кривичното дело од споменатите членови да биде декрминимализирано и уредено согласно Законот за прекрошоците против јавниот ред и мир, појасни професорот Марјан Ѓуровски.

Тој ја нагласи и потребата од реформа во системот за управување со кризи, заштита и спасување каде, според него, е потребно да се пристапи кон анализа на функционирањето на ЦУК и ДЗС во редовни услови, како и во услови на кризна и вонредна состојба.

-Потребно е да се регулира и местото и улогата на Бирото за јавна безбедност, особено од аспект на функционалноста и раководењето на полицијата, како и спроведувањето на политиките на Главниот штаб и на Владата во целина, истакна Ѓуровски.

Професорите од Факултетот за безбедност констатирале дека е потребно да се донесе Закон за вонредна состојба, а во него пак да се предвиди посебна одредба за функционирање на Главен штаб при владата за работа во услови на вонредна состојба.

-Во новиот Закон за вонредна состојба да се прецизира постапката за донесување на уредби со законска сила кои ги донесува Владата. Во предлог законот за вонредна состојба да се предвиди посебна норматива за меѓународна соработка во услови на вонредна состојба, која ќе ја регулира меѓународната соработка која државата ја остварува во услови на вонредна состојба, особено од аспект на меѓународната помош и поддршка и координиран одговор на криза или вонредна состојба. Како членки на НАТО и партнери на другите меѓународни организации (ЕУ, ММФ и Светска банка, ЕБРД и други) имаме обврска за размена на информации и учество во други активности и затоа предлагам овде да не се задржиме само на странската помош туку тоа да биде регулирано во делот на меѓународна соработка во услови на вонредна состојба, нагласи професорот Ѓуровски.

Анализата, појасни тој, е подготвувана повеќе од три месеци преку примена на научно истражувачки алатки, методологии и интервјуа со сите носители на јавни функции и креатори на политики во безбедносниот систем, вклучитлено шефот на државата, премиерот, министрите за внатрешни работи и за одбрана, сите директори на агенциите. бк/са/

Прес-конференција на Факултетот за безбедност-Скопје

Posted by MИА.mk on Понеделник, 22 јуни 2020

 

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

ФЗО ќе го покрие лекувањето на Леонид Индов

Фити: Идејата на ВЛЕН е небулозна, во МАНУ имаме четири членови од албанска националност

Го нашле на Клиника: Приведен криминалец баран со потерница за казна затвор од четири години