Утрински Весник
Македонија

Интернационална гран-при награда за музичарите од ООУ „Јоаким Крчовски“

Интернационална гран-при награда за музичарите од ООУ „Јоаким Крчовски“

Крива Паланка, 20 јуни 2020 (МИА) – Учениците од музичката паралелка на основното општинско училиште „Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка освоија четири гран – при и седум први награди во различни возрасни категории на Интернационалниот онлајн музички натпревар „Soul“, одржан во Украина.

Натпреварот е во организација на Меѓународната добротворна фондација „Сонјашњук“, Украина, а гран – при наградите ги освои и училишниот оркестар под водство на професорката Лариса Жулина-Митовски.

– Моите ученици беа вредни во текот на целата учебна година, и иако како и сите нивни врсници ја завршија учебната година надвор од училишните клупи, тоа не беше причина да не бидат вредни и од дома. Од месец март, кога започна пандемијата, како и сите мои колеги наставници, одржувавме редовна настава со учениците од далечина, на апликацијата „Зум“. Работев индивидуално со секој ученик, но имавме онлајн проби и со целиот училиштен оркестар и успеавме да се подготвивме за меѓународниот онлајн натпревар. Освоената голема награда гран-при не поттикнува да продолжиме понатаму, зашто учениците во различни категории освоија и останати седум први награди, а во ова време-невреме успеавме и да се закитиме со една втора и две трети награди на Интернационалниот онлајн пијанистички натпревар „Улјуш 2020“ во Србија. Многу се радувам и за учениците и за достојното претставување на нашето училиште во меѓународни рамки, изјави професорката Жулина-Митовски.

Наградите на Интернационалниот фестивал „Soul“ ги додели жири – комисија во состав од врвни музички уметници од: Турција, Украина, Узбекистан, САД, Палестина, Швајцарија и Холандија.

Инаку, Жулина-Митовски како амбасадор од РС Македонија беше дел и од најголемата инаугуративна, глобална конференција „Амбасадор Т4“ за наставници, одржана на крајот на минатиот месец, посветена на пост-Ковид образованието во светот.

– Состојбата со Ковид-19 обедини над 100.000 наставници од над 70 земји, 6 континенти на најголемата глобална конференција, бидејќи гласот на наставникот е глас за доброто и иднината на сите ученици во светот. Лидерство, вмрежување и соработка беа она што ја карактеризира оваа конференција, на која наставници од сите страни на светот говореа за искуствата и натамошните предизвици со кои се сретна образованието со почетокот на глобалната пандемија Ковид-19. Начинот на живот за повеќето луѓе е нарушен поради глобалната пандемија. Затворањето на училиштата од почетокот на кризата влијаеше како врз наставниците, така и врз родителите, а најпогодени беа самите ученици. Наставниците се и ќе бидат од суштинско значење за време на кризата, во текот на подолг прекин како и во периодот на закрепнување од неа. Никој не може со сигурност да каже колку долго ќе трае пандемската криза или што ќе се случува во идниот период со образованието. Затоа се организираше и оваа конференција, предводена од наставници и посветена на наставниците, за да даде одговор на прашањето како ќе изгледа образованието во блиска и подалечна иднина, истакна Жулина-Митовски. иб/ир

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

СДСМ: Министерката Кочовска ги омаловажи сите вработени во институциите

Реакција на ТАВ за инцидентот на скопскиот аеродром

МВР со детали: Обезбедувањето на Гаши се заканувало на вработени во ТАВ и турнал полицаец