Скопје, 18 јуни 2020 (МИА) – Нова детска градинка со капацитет да згрижи 125 деца, од кои 95 од две до шест години, а 30 до двегодишна возраст се гради во Драчево Општина Кисела Вода, со средства од Светска банка наменети за подобрување на пристапот до услугите за згрижување и воспитание на деца.
– Владата во изминатиот период многу повеќе од било кога инвестираше во раниот детски развој преку изградба на вакви градинки, но тоа е вложување во иднината на државата во младите генерации. Тоа е основата на воспитувањето и на образованието. Изминатиот период издвои околу 280 милиони денари во 44 објекти, за реконструкција или изградба на нови. Насочени бевме и на објекти во рурални средини кои со децении беа запоставени и можностите за раст и развој на децета и семејствата не беа исти како во урбаните средини, рече премиерот Оливер Спасовски, кој заедно со заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ направија увид во градежните работи.
Тој додаде дека со дополнителните 15 милиони евра кои се обезбедени преку Светска банка ќе се продолжи со изградба и оти ќе се дојде до 70 нови објекти.
Заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар рече дека Министерството ја продолжува реализацијата на капиталните проекти во оваа сфера затоа што, како што рече, тоа не е само инвестиција во објекти туку инвестиција во децата во земјава.
Нашата примарна цел, потенцира тој, е искоренување на детската сиромаштија еднакви шанси за сите деца.
-Изминтиот период инвестиравме во 44 градинки и објекти за ран детски развој и создадовме услови за квалитетно згрижување на 3.000 деца од предшколска возраст. Дополнителни 15 милиони евра се обезбедени за нови инклузивни енергетски ефикасни градинки кои ќе значат нови 7.500 места за деца во градинка, рече Бајрактар.
Градоначалникот на општина Кисела Вода Филип Темелковски истакна дека објектот се гради на 600 метри квадратни и ќе има подрум, приземје и еден кат. Капацитетот на градинката, рече, е 125 деца, од кои 95 на возраст од две до шест години, а триесет до двегодишна возраст.
Ние како локална самоуправа, додаде тој, ќе работиме на подобрување на условите во сите други градинки на наша територија заеднички ќе овозможиме подобри услови за жителите на Кисела Вода. сст/дма/