Скопје, 17 јуни 2020 (МИА) – Променливото време и честата појава на дожд во одредени делови од денот може да биде многу непријатна за мотоциклистите, предупредуваат од РСБСП.
Оттаму советуваат мотоциклистите да избегнуваат да возат по дожд и влажни коловози доколку немате неопходна потреба.
– Возењето мотоцикл на влажни коловози бара повеќе концентрација, искуство и вештини, затоа не управувајте мотоцикл на влажен коловоз доколку не сте соодветно подготвени, апелираат од РСБСП.
На оние кои решиле да возат мотоцикл по врнежливо време, им се препорачува добро да ја испланираат рутата и да одберат места каде што може да се засолните доколку ги затекне невреме.
– Намалете ја брзината и возете многу бавни и внимателно и по цена да ве наврне. Во услови на дожд и влажни коловози, сите остатоци од масло, гориво и нечистотии го прават коловозот лизгав, несигурен и небезбеден, велат од РСБСП.
Оттаму порачуваат да се избегнуваат местата со насобрана вода, кои под својата површина може да кријат кал, песок или чакал и на тој начин да дојде до лизгање на тркалата на мотоциклот.
– Држете безбедно растојание затоа што сопирачкиот пат на мотоциклот е подолг на влажни коловози, советуваат од РСБСП.
За мотоциклистите препорачливо е да носат водоотпорна заштитна облека и опрема.
– Почнувајќи од кацигата која не треба да се замаглува, па до оделото, ракавиците и чевлите, сите треба да се водоотпорни. Носете облека која има флуоресцентни делови на неа, на задниот дел на мотоциклот ставете флуоресцентна лента за полесно да ве забележат останатите возачи, велат од РСБСП.
Моторциклистите се советуваат и да размислат пред да тргнат по влажен коловоз дали имаат соодветни и добри гуми.
– Доколку вашите гуми се мазни тогаш најдобро е воопшто да не се обидувате да возете на влажен коловоз. Застанувајте постепено, забрзувајте постепено, свртувајте постепено. Избегнувајте нагли дејствија, нагло запирање, забрзување и нагло свртување затоа што во такви услови веројатноста да дојде до лизгање на мотоциклот е голема, велат од РСБСП.
– Внимавајте на патот. Белите линии на коловозот, влажните метални капаци на патот, кал и вода, во услови на дожд може да бидат поопасни и полизгави од мраз, предупредуваат од РСБСП.
Оттаму истакнуваат дека возењето мотоцикл бара многу знаење, енергија, вештини и стабилен карактер.
– Почитувајте ги наведените совети, тие се наменети за сите мотоциклисти а посебно се корисни за помладите и помалку искусни мотоциклисти, порачуваат од РСБСП. ир/скс/