Македонската радио-телевизија (МРТ) ги објави правилата за медиумско покривање на претстојните парламентарни избори што ќе се одржат на 15 јули. Како што се наведува во објавата, станува збор за обврски на јавниот радиодифузен сервис МРТ 1 пропишани во Изборниот законик. Во овие правила е наведен единствено првиот телевизиски програмски сервис, а не и другите радио и телевизиски програми што медиумски ќе ги покриваат изборите, како што се: МРТ 2 програмата на албански јазик, како и првата програма на Македонското радио и третата програма на Македонското радио.
Во објавата на МРТ се вели дека за време на изборната кампања МРТ 1 ќе ги покрива изборните активности во дневниците во 17.00 и 19.30 часот, а во помал обем и во останатите информативни зданија. Во нив, 30 отсто од времето ќе посвети на информации за дневните настани од земјата и од светот, 30 отсто од времето за активностите на политичките партии на власт, 30 отсто од времето за активностите на политичките партии во опозиција и 10 отсто од времето за активностите на политичките партии кои не се претставени во Собранието.
МРТ 1 ќе емитува и дебатни програми, кои ќе бидат соочувања на претставници на политички партии од власта и од опозицијата и ќе почнат да се емитуваат по утврдување на листите за кандидати за пратеници од ДИК. Исто така, МРТ 1 ќе емитува интервјуа, главно со претставници на институции и организации задолжени за релевантни аспекти од организацијата на фер и демократски избори. По потреба, во зависност од видот на изборниот процес, МРТ1 ќе емитува и интервјуа со потврдени кандидати на изборите или пак, со претставници на политичките партии.
МРТ1 за време на изборната кампања ќе емитува бесплатно политичко претставување на учесниците во изборниот процес во периодот измеѓу 16 и 23 часот. Времето за бесплатното политичко претставување на секој од учесниците во изборниот процес ќе биде определено според принципите за избалансирано покривање на изборите утврдени во членот 75-а од Изборниот законик.
И додека МРТ ги објави правилата за медиумско покривање на изборите само за дел од своите канали, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) во предизборното известување на првата програма на Македонското радио (МР) веќе пронајде квалитативен дисбаланс во медиумското известување, во полза на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Па така, МР 1 во периодот од 17 февруари до 16 март кај емитуваните дневно-информативни емисии на радиото, за прилозите во кои се опфатени информации од ВМРО-ДПМНЕ издвоиле 1 час, 40 минути и 30 секунди, додека СДСМ бил опфатен само со 42 минути и 14 секунди во пладневниот радиовесник во 15.30 часот и неделниот радиодневник од 14 часот, се наведува во Извештајот од медиумското известување на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ).
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.