Скопје, 17 јуни 2020 (МИА) – Граѓански организации кои работат на едукација и информирање за темите поврзани со клима почнаа со формирање Коалиција за клима, со цел зголемување на учество на граѓаните во носење на одлуки и мониторирање за спроведувањето на истите.
Како што соопштија денеска од организацијата Еко-свест, климатските промени се вистински предизвик за сите влади и носители на одлуки, но според нив, притисок од јавноста е многу потребен со цел носење на поамбициозни климатски политики како и обезбедување на финансии за спроведување на истите. Посочуваат дека се потребни силно информирани граѓани и поврзани граѓански организации кои ќе можат да делуваат брзо и заеднички.
-Почнуваме една убава приказна наречена граѓанска Коалиција за клима која се надеваме дека ќе расте и ќе ги опфати сите сектори во земјата, бидејќи климатските промени се интерсекторско прашање кое навлегува во сите сфери на општеството. Ваквата коалиција ни е повеќе од потребна сега кога опоравувањето од КОВИД-19 кризата треба да значи зелен развој и раст на „еколошка“ економија, односно индустрија која нема да загадува и да прави штета. Заштита на здравјето и добросостојбата на граѓаните треба да биде приоритет и токму затоа одбравме на Светскиот ден за борба со опустинувањето и сушата да информираме за коалиција, рече Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест
Коалицијата за клима почнува со 11 членови – граѓански организации кои заедно работеа на стратешките документи на оваа коалиција и кои имаат значајно искуство во работење на теми поврзани со климатските промени.
-Мисијата на Коалицијата е локална синхронизирана акција и силно општествено влијание и трансформација преку градење климатска култура. Целта се остварува преку грижа и почит кон локалните природни вредности, солидарност кон други иницијативи (локални и глобални), климатска акција и одговорност кон планетата. Визијата на Коалицијата е обезбедување квалитетен животен стандард на луѓето во благосостојба со животната средина, систем базиран на стандарди и безбеден за климата (Нискојаглеродна трансформација) и подигнување на климатската култура што ќе ја издигне Македонија како пример за регионот, истакна Кристина Бужароска од фондацијата ЦНВП и еден од основачите на новата Коалиција.
Како што посочуваат од Еко-свест, оваа Коалиција за клима е отворена за сите кои сметаат дека можат да придонесат на патот кон оваа еколошка транформација на нашето општество.бт/скс/