Скопје, 17 јуни 2020 (МИА) – Македонската банкарска асоцијација (МБА) апелира корисниците на домашна платежна картичка да ги следат информациите што банките ги доставуваат до нив во врска со начинот и терминот на подигнување на картичката.
Од МБА денеска информираа дека сите нивни членки вклучени во проектот „Купувам домашно“, преку кој во следните недели треба да се изработат и дистрибуираат до крајните корисници низ целата држава над 330.000 платежни картички, се посветени на неговата реализација, притоа преземајќи ги сите мерки соодветни за заштита на јавното здравје.
Во текот на корона-кризата, посочува асоцијацијата, банките постојано преземаат активности за заштита на здравјето на своите клиенти, вклучително и кога е неопходно тие да ги посетат филијалите и експозитурите, а во изминатиот период, во оваа насока, фокусот е ставен на проектот „Купувам домашно“.
МБА потсетува дека во врска со домашната платежна картичка, секоја од банките вклучени во проектот има воспоставено свој протокол за издавање на картичките. Согласно важечките политики и процедури, повеќето банки, издавањето на домашната платежна картичка го организираат на начин што на клиентите, доставуваат СМС-пораки со информации за филијалата или експозитурата, датумот и часот за подигнување на картичката за секој клиент одделно. Во примена се, укажуваат, и веб-решенија и контакт-центрите на банките, со што потребата од доаѓање во филијалите и ескпозитурите за информирање е сведена на минимум.
Според МБА, согласно вака поставениот план кој е системски определен според капацитетот и времето за опслужување, се намалува можноста за создавање на гужви пред филијалите и експозитурите, а се зголемува ефикасноста во реализацијата на проектот.
Како што посочуваат, во текот на изминатите денови пред некои од експозитурите и филијалите, според информациите од банките, за жал се создаваат поголеми гужви, односно редови за чекање, бидејќи дел од клиентите доаѓаат со цел да се информираат за проектот генерално, односно да добијат информација дали се меѓу граѓаните на коишто им следува домашна платежна картичка, без претходно да ја посетат веб-страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk. Некои од граѓаните и без претходно да добијат информација кога и каде да се обратат, ги посетувале банките за подигнување на картичката. Една од членките на МБА домашната платежна картичка ќе ја доставува по пошта на адресата на клиентот којшто е корисник на домашната платежна картичка.
-Заради заштита на јавното здравје, апелираме корисниците на домашна платежна картичка да ги следат информациите што банките ги доставуваат до нив во врска со начинот и терминот на подигнување на картичката. Истовремено, апелираме до сите клиенти на банките коишто за овој проект испраќаат СМС-известувања, посетата на филијалата и експозитурата да ја реализираат во терминот посочен од банката, преку СМС-известување, при што ќе ги почитуваат обврските за задолжително носење заштитна маска и одржување соодветна дистанца. Со тоа секој ќе придонесе и за заштита на своето и на здравјето на другите, истакнува МБА.
За овој проект, информираат, филијалите и експозитурите работат со посебен режим и подолго работно време со цел брзо и безбедно издавање на големите количини платежни картички, додека бројот на вработени коишто активно работат во текот на една смена е во рамки на максимумот предвиден за просториите на банките, во согласност со соодветната уредба.
Од Македонската банкарска асоцијација воедно нагласуават дека заедно со членките и во периодот што следи ќе останат посветени на изнаоѓање соодветни решенија во рамки на работењето, со цел корона–кризата да остави што помали последици и да придонесет за што поскоро закрепнување на целокупната економија.лв/скс/