Утрински Весник
Македонија

Две години по Преспа – С. Македонија членка на НАТО и со отворен пат за ЕУ

Две години по Преспа – С. Македонија членка на НАТО и со отворен пат за ЕУ

Скопје, 17 јуни 2020 (МИА) – По Преспа никој не може да спори дека во Северна Македонија живеат Македонци, кои говорат македонски јазик, е порака што неодамна ја упати преговарачот во речиси тридеценискиот спор за името, Метју Нимиц, кој по некоја случајност денеска слави роденден, на 17 јуни, денот кога пред две години во Нивици на Преспанското Езеро беше потпишан Преспанскиот договор, со кој се стави крај на несогласувањата меѓу Атина и Скопје.

-Со Договорот од Преспа се стави клуч на македонскиот идентитет на граѓаните, а лидерите можеа самоуверено да го уверат својот народ дека е признат како македонски, дека тие ја постигнаа својата главна цел во преговорите, имено, признавањето на нивниот национален идентитет, истакна поранешниот специјален претставник на генералниот секретар на Обединетите нации во деталната анализа, објавена во април за Nationalities Papers, академското списание кое го објавува Кембриџ Јуниверзити за Асоцијацијата за студии на националностите.

Во малото населено место Нивици на грчката страна на Преспанското Езеро точно пред две година шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и поранешниот грчки министер за надворешни работи Никос Коѕијас ги ставија своите потписи на Преспанскиот договор.

Со решавањето на спорот со Грција се одблокираа интегративните процеси на земјава во НАТО и Европската унија. Македонија согласно договореното се преименува во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.

Pet Utrinski

Согласно Договорот Грција прва го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, а земјава на 30 март, како што и беше ветено стана 30. членка на Алијансата. На свечена церемонија со кревање на знамето на Северна Македонија, на 30 март во седиштето на НАТО во Брисел се официјализираше пристапување во Северноатлантската алијанса.

Се отвори и патот за членство во Европската унија. По 15 години кандидатски статус и со над десет последователни препораки на ЕК за отворање преговори, Европскиот совет на 26 март оваа година донесе одлука за почеток на преговори со Северна Македонија. Сега земјава е во очекување на преговарачката рамка, која според најавите на европски дипломати треба да биде презентирана во наредните неколку дена од страна на ЕУ, а првата меѓувладина конференција се очекуваа оваа есен.

Договорот од Нивици

Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноса на Времената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните е официјалниот наслов на Договорот.

Димитров и Коѕијас на свечената церемонија во Псарадес или Нивици на 17 јуни 2018 година ги ставија потписите на Договорот, во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.

Тие низ целиот процес на постигнување на компромисот, а и по потпишувањето се обидуваат да покажат дека тоа што е договорено е од корист за двете држави. Димитров и Коѕијас беа архитеките на Договорот, ги усогласуваа ставовите, особено откако преговорите се подигнаа на ниво на шефови на дипломатии.

Основата на Договорот е тоа што во него на пријателски начин и прецизно е утврдено како Грција го толкува поимот „Македонија“ и „македонски“ и како ние за нас го толкуваме поимот Македонија и македонски.

Со членот 7 се прави јасна дистинкција дека поимот Македонија и македонски во Грција го означува Хеленскиот дел од историјата. Утврдено е дека Македонија и македонско во наш контекст ги отсликува нашата теротирија, нашиот јазик, народ со сите атрибути, историја, култура и наследство – различни од оние во Грција.

-Решавањето на спорот за името меѓу Грција и нејзиниот северен сосед креираше важна нова можност за поконструктивни односи и побезбеден Балкан. Договорот од Преспа, потпишан на брегот на Преспанското Езеро, кое ги дели двете држави е решение за спорот и основа на нов почеток, истакна неодамна Нимиц.

Нагласуваќи дека Договорот беше поздравен од светските метрополи како голем чекор за регионот, истакна дека важно е да се препознае дека Преспанскиот договор немал широка поддршка и во двете земји и, како што напиша „едвај ги добил потребните парламентарни гласови и гласовите на граѓаните и во Грција и во нејзиниот северен сосед“.

Тврдите ставови на Мицотакис омекнаа по доаѓање на власт, опозицијата кај нас најавува укинување на договореното

Опозициите во двете земји во времето кога се носеше договорот негативно реагираа на договореното. Нова демократија кога беше во опозиција во предизборниот период во Грција одеше со тезата дека Договорот е во интерес на северниот грчки сосед, дека Ципрас ја продал нацијата и всушност правел политички пазарања за да остане на власт.

Лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис кога беше во опозиција велеше – неговата партија нема да го прифати Договорот од Преспа. Според него Ципрас со Договорот отстапил македонска националност и јазик. Но, по доаѓањето на власт се смирија и страстите, а Договорот стана дел од политиката на Мицотакис.

Нова демократија по преземањето на власта, ја омекна позицијата, поддржувајќи со ставот дека земјата има континуитет, Договорот е веќе потпишан и ратификуван, а Грција ќе го почитува како што и од другите бара да се придржуваат кон меѓународното право (политиката во однос на Турција). Мицотакис на почетокот на минатиот месец на Самитот ЕУ-Западен Балкан порача дека добрососедските односи се единствениот пат за европска перспектива на Северна Македонија и ја повика нашата Влада да ги почитува обврските што произлегуваат од Договорот од Преспа.

А шефот на дипломатијата Никола Димитров во неодамнешното интервју за МИА рече дека Договорот се спроведува, а со Владата на Мицотакис успеале да изградат доверба, да имаат односи на разбирање и да бидат свртени кон можносите и кон иднината.

Опозициската ВМРО-ДМНЕ кај нас го пласира ставот дека договорот е капилутански за Македонија. ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати побара оставка од шефот на дипломатијата Никола Димитров, кој според нив ја предал својата држава, ставајќи потпис на договореното.

Христијан Мицкоски повторуваше дека Договорот е штетен за државата, се губи македонскиот идентитет, се распарчува земјата, се продава историјата, се поткопува волјата на граѓаните, изразена на референдумот на 30 септември. Велеше и доколку дојде на власт со двотретинско мнозинство ќе го укине Преспанскиот договор.

Неговиот потписник, шефот на дипломатијата Димитров, пак во интервјуто за МИА истакна дека договорот е дел од нашиот домашен правен систем, тој е дел од меѓународното право, а политички е еден договор, кој од сите страни во демократскиот свет беше истакнат како извонреден дипломатски успех.

Долгиот пат до решението

Преговорите меѓу Македонија и Грција се обновија кон крајот на 2017 година, по речиси тригодишен застој. Спорот траеше 27 години. По обновувањето во почетокот посредникот на ОН, Нимиц имаше средби со преговарачите Василакис Адемантиос и Васко Наумовски, а потоа преговорите се подигнаа на повисоко ниво, на ниво на шефови на дипломатии.

Заев и Ципрас ја имаа првата директна средба на Светскиот економски форум во Давос, каде беа направени првите отстапки. Македонија ги преименува аеродромот и автопатот, а Грција ја одблокира втората фаза на земјата во процесот на Стабилизација и асоцијација со ЕУ и и овозможи на Македонија да стане членка на Јадранско-јонската иницијатива.

Клучна во преговорите беше средбата Заев-Ципрас на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржа во Софија за време на бугарското претседателство со Унијата. Самата средба на двајцата премиери како да беше централен настан на Самитот. Заев и Ципрас во телефонски разговор на 12 јуни 2018 година го потврдија договореното, а потоа ја информираа јавноста во своите земји.

Спорот за името почна веднаш по осамостојувањето на Македонија и нејзиниот прием во ОН, на 8 април 1993 година. Поради противењето и притисоците од Грција, која не го прифаќаше уставното име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија.

Стратегијата на преговорите, како што посочи неодамна Нимиц, била да се разбие острата разлика во перцепциите за спорот, да се идентификуваат перцепциите кои водат до доминирање на принципот на аверзија на загуба кај двете страни и да се направи обид за преиспитување на прашањето.

Вели пресвртот во обидите да се реши спорот се случил кон крајот на 2000 година, кога Атина ја прифатила идејата дека името што ја вклучува Македонија ќе биде прифатливо ако во себе содржи соодветна географска одредница. Кога тогашниот премиер Зоран Заев во 2017 година, додава Нимиц, посочил дека вакво нешто може да биде прифатливо и за Скопје, со оглед на решавањето на сите други прашања, вклучително и заштита на идентитетот на македонскиот народ – почнала да се надзира основата на договорот.

Ана Цветковска

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Штип остана без струја – наставата во училиштата е прекината

Неработни денови за 2025 година

СДСМ во среда избира нови секретари и потпретседатели: Ќе има ли изненадувања?