Штип, 16 јуни 2020 (МИА) – Наставиот кадар во штипските средни училишта задоволен од бројката на пријавени, но и најавени ученици за упис во прва година. Уписите се вршат согласно утврдените мерки за заштита од Ковид 19, по азбучен ред.
Директорката на штипското медицинско училиште „Јане Сандански“, Емилија Рамбабова вели дека до 13 часот имаат примено барање за упис од 50 ученика, а според распоредот од 7 до 13 часот ги запишувале учениците на кои презимето им почнува од А до В. Задоволна е од бројката, но и од почитувањето на протоколите за упис во нивното средно училиште.
Во медицинското и електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“-Штип, како средно стручни училишта уписите на средношколците ќе се одвиваат четири дена, до четврток ќе бидат отворени од 7 до 19 часот, а во петок од 7 до 13 часот.
Директорот на СОУ „Коле Нехтенин“, Дејан Павлов вели дека е задоволен од бројката на запишани ученици до пладне, а во училиштето се почитуваат сите мерки како од страна на наставниците, така и од страна на идните среднопколци. До 13 часот за електро струката се пријавиле 50, за угостителска 22 и за машинската 14 идни средношколци. Забележа дека и годинава покрај тоа што се запишуваат завршени полуматуранти од Штипскиот имаат и интерес и од соседните градови, а за нив се обезбедува и бесплатен училишен превоз.
Уписите во штипската гимназија „Славчо Стојменски“ и во текстилно училиште „Димитар Мирасчиев“ ќе се одвиваат само два дена, денеска и утре.
Директорот на гимназијата „Славчо Стојменски“, Тамер Јамаковски вели дека до 13 часот имаат запишано 50 ученика, а очекува оваа бројка да се зголеми до вечер, но и во текот на утрешниот ден. Директорката на текстилното училиште, Катица Костова вели дека до 13 часот имале осум пријави и оваа бројка за разлика од минатите години е добра и им навестува дека ќе формираат неколку паралелки.
-Задоволен е наставниот кадар од оваа бројка, но и од највениот број на ученици, кои ќе се запишат во нашето училиште. Добра работа годинава е што сите училишта до 29 јуни ќе ги завршат сите уписи, а ќе се знае колку ученици ќе почнат во септември, но и да се планира во август и почетокот на учебната година, вели Костова.
Уписите се во тек и во единственото средно музичко училиште „Сергеј Михајлов“-Штип за учениците од источниот и југоисточниот регион, како и во средното училиште за специјално образование и воспитание „Искра“-Штип.вдј/скс/