Тирана,16 јуни 2020 (/) – Во Албанија откриена е колонија на морска ластовичка која претставува до 3,3 отсто од популацијата на европскиот континент од ваков вид.
Здружението „Птици на Албанија“ објави дека „ова е еден од најинтересните извештаи што можеби некогаш биле објавени за морската ластовичка (Glareola pratincola) во Албанија.
-Прво, поради големиот број на вгнездени парови што претставуваат до 3,3 отсто од вкупната попилација на овој вид на европскиот континент и второ, ова е сосема нова колонија, која е откриена на крајот на сезоната на гнездување минатата година и не се претходно пријавени, велат од здружението за државната агенција АТА.
Според ова здружение, откривањето на оваа колонија најмалку за двапати го зголемува бројот на вгнездени парови пријавени од овој вид до 2018 година.
Морската ластовичка е пријавена за гнездење само во три области во земјата, поконкретно во Дивјак-Караваста, во лагуната Нарта и во мочуриштето Ерзен, каде што е дури половина од вкупната популација на оваа птица.
„Иако оваа вест влева оптимизам, не може да се остави без да се спомене дека живеалиштата за гнездување на птици од овој вид кај нас се ретки и се едни од најзагрозените во земјата, особено кога се наоѓаат надвор од заштитените подрачја, констатираат од здружението„Птиците на Албанија“.
Како што неодамна објавија медиумите во земјата за повеќе од трипати се зголемил бројот на розовите фламинга,како и кадравите пеликани.
Задоволство од тоа искажа и премиерот Еди Рама.
„Какво волшебство има Албанија, напиша Рама на фејсбук постирајќи фотографија од летот на розовите фламинга.
Розовиот фламинго е најраспространет вид од семејството на фламингата. Повеќето од пердувите му се розово-бели, но крилјата му се покриени со црвени пердуви, а основните и средните пердуви за летање му се црни. Клунот му е розов со црн врв, а нозете му се целосно розови.
Овие птици живеат во мочурливи предели и плитки крајбрежни лагуни со солена вода.вт/сд/