Скопје, 16 јуни 2020 (МИА) – Историската наука ја злоупотребуваа политичарите, медиумите, многу интересни групи, но и самите историчари. Историскиот ревизионизам се применува за да се одржат старите и да се создадат нови митови, да се зајакнуваат стереотипите, да се развивааат предрасудите и омразата кон соседите.
Ова е дел од содржината на Декларацијата – Да ја одбраниме историјата, која беше промовирана викендов во Белград на последната конференција, во рамки на регионалниот проект „Кој прв почна?“.
Изминативе три години во рамките на проектот историчари од регионот (држави настанати со распадот на СФРЈ) дебатираа и дискутираа во врска со користењето, поточно злоупотребата на минатото во политички цели, како и за ревизионистичкиот пристап кон историјата со кој се соочуваат нашите општества. На дебатите, кои беа реализирани во рамките на проектот „Кој прв почна?“ учествуваа историчари од Северна Македонија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.
Поради оваа појава, се додава во текстот, во нашите општества се бришат јасните морални координати, се губи границата помеѓу фашизмот и антифашизмот и се создава опасност да се повторат злосторствата од минатото.
– Денес историјата е простор каде војните настанати со распадот на СФРЈ продолжуваат да се водат со „други средства“. Овие војни се на најдобар пат да станат подложни на политички манипулации како и Втората светска војна. Годишниците и јубилеите се користат за националистичка мобилизација и зацврстување на авторитарната власт. Нема пиетет, ниту емпатија за „туѓите“ жртви. Нема ниту обид, со дистанца од речиси триесет години од почетокот на овие војни, секоја страна да се соочи со сопствената улога и одговорност. Денес историјата е „резервна воена позиција“ на која тлеат непријателствата кои ги разоруваат нашите општества, се вели во Декларацијата.
Во проектот, кој беше реализиран од страна на белградската невладина организација Крокодил, освен Тодоров учествуваа и Дубравка Стојановиќ, Божо Репе, Твртко Јаковина, Хуснија Камберовиќ, Аднан Прекиќ, Миливој Бешлин. ац/са/