Утрински Весник
Македонија

Филипче: Апелирам да се почитуваат мерките за конечно да се стабилизира состојбата

Филипче: Имаме втор бран кој е резултат на непочитувањето на мерките за собири и групирање

Скопје, 15 јуни 2020 (МИА) – Мораме сите да бидеме одговорни, за да се спречи ширењето на вирусот, за да се намали притисокот врз здравствените институции, што ги третираат овие пациенти заболени од Ковид-19, за да може што поскоро да се отворат сите болници и клиники за граѓаните кои имаат потреба и пациентите, истакна на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Со неодговорно однесување, со непочитување на мерките за заштита, посочи, бројот на нови случаи нема да застане.

– Повторувам дека не постои друг начин за ширење на епидемијата, ниту има каде било во светот. На тоа укажаа најновите случувања во околните земји, соочување со нови бројки на нови случаи на пациенти после попуштање на рестриктивните мерки. Маска, дистанца и апсолутно почитување на протоколите за работа е нешто што сите треба да се придржуваме. Враќањето кон рестриктивните мерки не е добра опција заради тоа што било кое следно попшуштање повторно ќе не соочи со ова, и затоа тоа значи дека може да се вратиме на самиот почеток. Ако не сфатиме дека уште долго ќе живееме со вирусот и мора да се придржуваме до овие мерки, ќе се соочуваме и понатаму со нови случаи и нема да можеме да ја нормализираме, да ја стабилизираме состојбата, потенцира Филипче.

Многу од економските оператори, појасни, се уште не работат заради оваа состојба, овие субјекти секој ден трпат загуби, градинките се уште не можеме да ги отвориме, заради тоа што сакаме да ги заштитиме децата.

– Училишната година заврши. Училиштата беа затворени за да нема групирање. Апелирам до родителите да им укажат на децата, на младите дека треба да носат маски, за да се заштитат себеси и да не се групираат. Иако младите поретко заболуваат и се најчесто асимптоматски, тие можат да шират инфекција. Апелирам и до сите граѓани да се почитуваат мерките за конечно да се стабилизира состојбата, додаде Филипче. рп/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Милошоски: Донесениот заклучок од страна на членовите на Судскиот совет за продолжување на мандатот на Весна Дамева е незаконски

Дали поради Христовски ќе се скараат Апасиев и носителот на Левица во ИЕ6?

Амбасадата на Србија најостро го осуди нападот на нејзиниот Конзулат во Куманово