Утрински Весник
Македонија

Македонската храна и домашниот туризам во „Регионални карактеристики на македонската гастрономија“

Македонската храна и домашниот туризам во „Регионални карактеристики на македонската гастрономија“

Македонската гастрономија и домашниот туризам се главните теми кои се обработени во неодамна издадената книга насловена „Регионални карактеристики на македонската гастрономија“, чии автори се професори и студенти од Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД).

Постојат многу малку книги во земјава во кои се зборува за оваа проблематика и оттаму потекнува идејата за издавање на ова дело, велат за Мета.мк, Ивана Ѓоргиева и Александар Нацов. Тие се студенти на УГД и дел од авторскиот тим на книгата, покрај професорите Дејан Методијевски и Оливер Филипоски.

„Сè повеќе наидуваме на книги готвачи, односно книги со рецепти, каде што се опишува целосната подготовка на јадењата, а изостанува делот кој треба да ни го објасни потеклото на производите и на традиционалните македонски јадења, целата историска поврзаност и развојот на гастрономијата низ годините, како и моментот на вклопување на модерната гастрономија и модерните навики во нашата традиција“, вели Ивана Ѓоргиева.

Во „Регионални карактеристики на македонската гастрономија“ се разгледува гастрономскиот идентитет на земјата, специфичните македонски јадења, а се посветува внимание и на карактеристиките на неколку региони. При изработката е користена соодветна стручна литература од областа на гастрономијата и туризмот, а авторите собирале и информации од терен.

Насловната страна на книгата / преземено од авторите

„Материјалот во книгата е поделен во четири поглавја. Обработени се основите на македонската гастрономија, специфичностите на нашите јадења и традициите во исхраната. Разгледана е модерната македонска гастрономија, а посветивме внимание и на позначајните шефови, нивните погледи и предлог рецепти. Земени се предвид осумте региони во земјата и за секој од нив се обидовме да ги доловиме основните карактеристики и препознатливите гастрономски производи и манифестации“, вели Александар Нацов.

Книгата доаѓа во период во кој поради економските штети кои се последица на пандемијата, државата советува свртување кон домашниот туризам. Неодамна  беа најавени платежни картички, кои, меѓу другото, граѓаните ќе можат да ги искористат и во туристички комплекси и угостителски објекти.

Платежните картички се одлична можност да се мотивираат граѓаните да го поддржат туризмот во Македонија, смета Ѓоргиева, а информациите во книгата се потсетување дека нашата држава изобилува со преубави места кои се подзаборавени од домашните туристи, но и квалитетна и вкусна храна, приготвена со домашни производи, кои се показател дека за добро поминато време и запознавање со нашите вредности и убавини не се потребни големи финансиски средства.

На нашето прашање кои места би им ги препорачале на граѓаните да ги посетат периодов, авторите велат дека секој регион има свои убавини и специфичности по кои се разликуваат еден од друг.

„Македонија има осум региони и сите имаат свои богатства и убавини. На пример, во Вардарскиот регион, Велес е познат по своите скараџиски специјалитети, а Тиквешијата е секако позната по најдобрите вина и виновата лоза. На Истокот, Штип е надалеку познат по штипската пастрмајлија, Кочани по оризот, а Радовишани ќе ве дочекаат со нивниот самун, леб и баклави испечени на фурна на жар. На запад, Тетово е мултикултурен град, препознатлив по тавче-гравчето, додека Гостивар е град на гостопримството, прочуен по баклавата и специјалитетите кои се под влијание на ориенталната кујна“, појаснува Ѓоргиева.

Охрид / Фото: Архива на Мета.мк

Со оглед на тоа што е лето, најголем дел од граѓаните се одлучуваат за посета на градовите со природни езера, но и за планинските места.

„Во Дојран, подготовката на риба преминала во уметност и ја има во секакви варијанти. Езерото е најдобро за посета во август кога цветаат алгите и тогаш водата е лековита. Секако ќе го споменеме и Охрид кој привлекува со прекрасното езеро, културно историските знаменитости, а охридската пастрмка и ѓомлезето се само дел од врвните специјалитети од тамошната гастрономска понуда. Уникатното Крушево е највисоко сместениот град на Балканот, а познато е по својата традиционална архитектура, крушевскиот локум и колбасот. За селото Галичник атракција е Галичката свадба која се случува во јули, а галичкиот кашкавал се смета за единствен по неговиот квалитет и мирис. Овде би го додал и Берово за кое е специфична планинската клима што одлично се вклопува со преубавите млечни производи и домашниот мед“ – додава Нацов.

За скопскиот регион велат дека изобилува со природни и културно-историски убавини, а овде треба задолжително да се пробаат скопските ќебапи и бозата. Во книгата се опфатени голем број на локации и гастрономски понуди.

„Бидејќи Македонија располага со големо гастрономско богатство за кое што сметаме дека сè уште не е доволно откриено, можеби сме пропуштиле некои важни елементи поврзани со гастрономските карактеристики на регионите во нашата земја. Еве, ги поттикнуваме и вашите читатели да споделат некои гастрономски специјалитети од местата каде што живеат, па можеби со предлозите ќе ни помогнат при создавањето на второто издание на книгата“, вели Ѓоргиева.

Рецензенти на книгата се Нако Ташков и Никола Цуцулески, додека издавач е „3Г Туристика“. Авторите најавуваат дополнето издание кое ќе биде достапно за пошироката публика, а велат дека работат и на друга книга посветена на светската гастрономија во која ќе бидат опфатени карактеристиките на над 30 земји.

Авторите на книгата / Фото: Лична архива

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Филипче: Започнуваме веднаш со работа, најавувам посета на сите општински организации 

СТУДЕН ЦИКЛОН НАД МАКЕДОНИЈА: Од овој петок, како и за време на викендот, многу дожд, снег и голема снежна покривка од над 50 сантиметри!

Македонска филхармонија го слави јубилејот со концертот „80 години – Љубов!“